Платило ли Министерство за здравство 5 милиони евра пенали за договор потпишан од Тодоров?

Министерството за здравство платило пет милиони евра пенали затоа што го раскина договорот за изградба на новиот клинички центар на местото на поранешната клиника за гинекологија во кругот на Клиничкиот центар. Оваа информација на јавноста и ја соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев во емисија на една национална телевизија.

Од ФЗО денеска не даваат повеќе информации за платените пенали туку за одговори упатуваат на Министерство за здравство.

Договорот за изградба на овој клинички центар го потпиша поранешниот министер Никола Тодоров во 2017 година на самиот крај на неговиот мандат додека се чекаше формирањето на новата влада. Тој клинички требаше да чини 72 милиони евра и требаше да го градат Гранит, Бетон и италијанската компанија Инсо системи. Новата влада предводена од СДСМ, реши новиот клинички центар да го гради на нова локација, Веле Поле во општина Ѓорче Петров, поради што и се раскина договорот што го потпиша Тодоров.

Од Министерството за здравство демантираат дека се платени овие пенали.

„Нема плаќање пенали. Уште во август минатата година (2018), на една од собраниските седници, тогашниот министер за финансии, Драган Тевдовски, објасни дека парите ќе бидат вратени без државата да плати пенали или дополнителни средства“, велат од МЗ.
Дончев денеска пак вели дека вчера кажал дека пеналите не се платени, ама за сигурна информација упатува во МЗ.
-Требаше да кажам дека тоа не е во моја надлежност, мислам дека реков дека се платени пеналите- вели Дончев денеска.

Изградбата на новиот клинички на новата локација, според последните најави, треба да почне да се гради до крајот на годината, а ќе чини 500 милиони евра и ќе се финансира со кредити од комерцијалнин банки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот