Платил две пици со 10.000 биткоини – Да не ги купел, денес би имал милијарда долари!
Вчера биткоинот за прв пат ја надмина вредноста од 100.000 долари, а тоа значи дека легендарната нарачка на пица сега стана вредна дури 1 милијарда долари. Да потсетиме, уште во 2010 година, еден човек од Флорида за две пици дал 10.000 биткоини, кои во тоа време вределе само 41 долар, што се смета за прва комерцијална трансакција со криптовалута, а тој датум, 22 мај, се слави секој година како Ден на пица биткоин.
– Ќе платам 10.000 биткоини за две пици… можеби две големи, за да ми остане и за следниот ден – напишал Ласло Хањец на криптофорум на 18 мај 2010 година. Четири дена подоцна Англичанецот Џереми Стурдивант кој студирал во Калифорнија ја прифатил понудата. Тогаш таа количина вредела само 45 долари, а Британецот платил само 25 долари за пица од „Папа Џонс).
Но, само девет месеци подоцна, вредноста на трансакцијата скокнала на 10.000 долари. Тие биткоини вределе 6 милиони долари во 2013 година, а Хањец тогаш за Њујорк тајмс изјави дека не жали за нив.
– Не дека тогаш имаа некаква вредност и ми изгледаше многу кул идејата да ги разменам за пици. Никој не знаеше колку ќе им скокне вредноста – рече тој.
Стурдивант не ги штедел биткоините и не чекал нивната вредност да расте, туку ги потрошил на патувања.
Ако случајно ги оставел на својата сметка, денес би имал биткоини во вредност од милијарда долари.
– Немав поим колку ова ќе стане вредно – рекол Студривант и додал дека и покрај „изгубеното“ богатство, тој е горд што одиграл важна улога во глобалниот феномен.
– Да го третирав како инвестиција, можеби ќе се задржев малку подолго во тоа. Никогаш немаше да помислам дека со тој број на биткоини би можел да купам недвижен имот – рече Стурдивант за Телеграф минатата година – кога таа вредност беше 365 милиони долари.
Од друга страна, пазарната вредност на синџирот „Папа Џонс“, каде што Хањец ја нарачувал храната, изнесува 1,567 милијарди долари. Така, ако Хањец ги зачувал своите криптовалути наместо да ги нарача тие две пици, можел да купи речиси две третини од компанијата што ги печела неговите пици.