План за финансирање на забрзан економски раст: 5%стапки на раст на БДП, нови инвестиции и стабилен јавен долг

фатмир бесими, министер за финансии
Фатми Бесими, министер за финансии, Фото: Архива

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата. Со спроведувањето на процесот на имунизација и етапно подобрување на епидемиолошката слика, довербата кај инвеститорите и потрошувачите ќе расте, што пак ќе резултира со закрепнување на инвестициите и приватната потрошувачка. Со закрепнувањето на економиите и нормализирањето на синџирите на добавување ќе расте трговската размена, како и искористеноста на производствените капацитети. Со олабавување и суспендирање на превентивните здравствени мерки, ќе се подобри искористеноста на услужните капацитети. Сето тоа ќе придонесе кон раздвижување на економската активност и раст на економијата.

Брзината на опоравувањето ќе биде различна од регион до регион и од земја до земја, согласно импактот на ковид-кризата и динамиката на процесот на имунизација. Благодарение на навремените политики за справување со ефектите од пандемијата, настанатата криза се очекува да остави помали последици од глобалната финансиска криза во 2008 година, но земјите во развој и најмалку развиените  земји, кои се потешко погодени, се очекува да се соочат со поголеми загуби на среден рок.

Очекувањата на меѓународните финансиски институции за глобалниот економски резултат се подобруваат. Пролетните проекции на Меѓународниот монетарен фонд се повисоки во однос на есенските од 2020 година, со очекуван раст на глобалната економија од 6% во 2021 година и 4,4% во 2022 година. Нагорната ревизија се должи на дополнителниот фискален стимул кој го најавија неколку од поголемите светски економии, очекуваното економско заздравување во втората половина од годинава како резултат на вакцинацијата, како и ефикасноста на мерките кои економиите ги преземаат за премостување на состојбите до целосна вакцинација.

Економскиот раст во еврозоната е проектиран на 4,4% за 2021 година, што претставува блага нагорна ревизија во однос на проекциите од јануари, но надолна ревизија во однос на проекциите од октомври лани. За 2022 година, економскиот раст е проектиран на 3,8%, со што очекувањата се значително подобрени во однос на проекциите од октомври лани.

Неизвесноста околу закрепнувањето и натаму е голема, а тоа главно се должи на пролонгираната здравствена криза, односно колку вакцини ќе се аплицираат и дали ќе бидат задоволително ефикасни против новите соеви на коронавирус. Извори на неизвесност се и ефективноста на политиките за ограничување на економската штета од пандемијата, развојот на финансиските услови и движењето на цените на добрата и услугите, како и капацитетот за прилагодување на економијата.

Состојби и очекувања за економијата на Република Северна Македонија

Априлските проекции на ММФ за растот на економијата за Република Северна Македонија во 2021 година со 3,8% раст се блиску до оние на Министерството за финансии (4,1%).  Oд почетокот на годината се забележуваат позитивни движења во економијата. Тоа најдобро може да се види преку приходната страна на буџетот.  Имено, од почетокот на годината, заклучно крајот на април, приходите се повисоки за 11% во однос на лани, имајќи предвид дека најголем дел од споредбениот период минатата година не беше под влијание на  ковид-кризата. Наплатата на даноците и придонесите е повисока за над 12%, при што кај даноците се забележува висок раст од скоро 18%, додека кај придонесите раст од 4,5%. Растот на наплатата на даноците се должи на високиот раст на наплатата кај скоро сите давачки, а најмногу на растот на ДДВ-то за скоро 30%.

Согласно Државниот завод за статистика, во првите три месеци, извозот на стоки регистрираше номинален раст од 18% на годишна основа, со што со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки регистрираше номинален раст од 14,1%. Искористеноста на производствениот капацитет исто така расте, со 71% искористеност во февруари, што е на ниво од преткризниот период. Позитивни тенденции се гледаат и во индустриското производство од март 2021, со раст од 7,6% во однос на истиот период лани. Податоците за внатрешна трговија за првите два месеци покажуваат номинален раст на прометот од 0,5%, што следи по период на намалување во целата 2020 година. Просечната плата продолжува да расте и од почетокот на годинава со раст од 2,7% во февруари. Во март вкупните кредити бележат раст од 5,2%, со раст на кредитирање и на домачинствата и на корпоративниот сектор, додека вкупните депозити се зголемени за 7,4%.

Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско окружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата.

Стратегија за закрепнување на економијата и забрзан раст – SmartER Growth

Еден од брилијантните умови, Алберт Ајнштајн, сметал дека секоја криза носи можности за оние кои умеат да ги препознаат. Ковид-кризата може да биде шанса работите да се постават системски на вистинско место, за понатаму да функционираат подобро и да креираат поголема вредност. Оттаму, покрај мерки и актовности кон заздравување на економијата, потребно е да креираме механизми кои ќе ја стимулираат економската активност во насока на повисок и одржлив раст на среден рок. Тоа е целта на Стратегијата за закрепнување на економијата, забрзан и одржлив раст (SmartER Growth), за која и претходно пишував.

Стратегијата се состои од четири столба: (i) економско заздравување од Ковид-19, (ii) забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, (ii) зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и (iv) развој на човечките ресурси и еднакви можности.

Кон економското заздравување од Ковид-19 дејствуваме преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места.

По економското заздравување, предвидовме мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, кои се во насока на добро управување – односно владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Од исклучителна важност тука ќе биде обезбедувањето на фискална одржливост и макроекономска и финансиска стабилност. Тука се и мерките за поттикнување на фискалната децентрализација, обезбедување на локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги.

Истовремено, ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Ќе дејствуваме во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството. Веќе презентиравме дел од тие мерки и отворивме јавна дискусија со академската и бизнис заедницата за сузбивање на сивата економија и даночната евазија и за унапредување на фискалната децентрализација, а понатаму ќе отвораме и дебатираме и за други теми и решенија.

Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на  развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување на поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување.

Во контекст на забрзаниот раст и подобрувањето на стандардот и условите за живеење во земјава е и Планот за јавни инвестиции 2021-2025 година, кој  се фокусира на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, заштитата на животната средина. Во периодот од 2021 до 2025 година година се планираат капитални проекти во износ од 3,2 милијарди евра, од кои со буџетски средства би се финансирале 1,3 милијарди евра, од донации преку ИПА фондови 112,8 милиони евра, а со средства од меѓународни финансиски институции/билатерални кредитори капиталните инвестиции би се финансирале со износ од 1,8 милијарди евра.

Всушност, тоа беа и новините на буџетот за 2021 година со цел да дадат појасна перпсектива за растот и развојот, oдносно, тоа се трите компоненти на среднорочната рамка на буџетот: а) стратегијата за заздравување и забрзан раст, б) фискалната консолидација и в) планот за јавни инвестиции.

Кризата, јавниот долг и фискалниот простор за финансирање на економскиот раст

Ковид-кризата влијаеше кај речиси сите економии кон продлабочување на буџетскиот дефицит, а со тоа и раст на државниот долг. Имено, падот на економската активност влијаеше негативно врз приходната страна, односно наплатата на давачките, додека на зголемувањето на расходната страна влијаеше растот на здравствените трошоци и стимулативните економски мерки.

Во Европа, освен кај Норвешка (која има негативна промена на државниот долг во 2020 година во споредба со претходната година за -1,3 процентни поени), се забележува раст на државниот долг. Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд, најголем раст на  државниот долг во Европа за 2020 година во споредба со 2019 година има Шпанија со раст од 27,5 процентни поени или државен долг од 123% од БДП, понатаму Италија со раст на долгот од 27 процентни поени или државен долг од 161,8 % од БДП и Грција со раст од 24,3 процентни поени и државен долг од 205,2% од БДП. Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6 процентни поени и државен долг од 83,3% од БДП, понатаму Словенија со раст од 14,9 процентни поени и долг од 81% од БДП и Хрватска со 14,5 процентни поени раст на долгот и државен долг од 87,7%. Од 38 земји, Република Северна Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји. Особено е важно долгот да биде на одржливо ниво, кое според проценките на ММФ во извештајот за земјава од април 2020 година за македонската економија, не надминува 70% од БДП. Исто така е важно е цената која ја плаќаме за долгот да биде исплатлива, односно додадената вредност – растот која тој ќе ја продуцира да биде поголема од каматната стапка.

Тука се соочуваме со изборот меѓу чеканот и наковалната, односно како да се финансира економскиот развој, а истовремено да се задржи умерено и стабилно ниво на јавен и државен долг. Сепак, ова не е невозможна мисија, за што ќе елаборирам подолу во оваа колумна.

Планот на Јункер – 1 евро мобилизира 15

Поранешниот претстедател на Европската комисија Жан Клод Јункер во 2014 година го претстави „Инфраструктурниот инвестициски план на ЕУ” или уште познат како „Јункеров план”, кој имаше за цел да ја раздвижи економската активност во ЕУ по рецесијата предизвикана од Светската финансиска криза, како и подобрување на инфраструктурата во ЕУ-земјите. Вкупната првична вредност на овој план беше 315 милијарди евра, додека резултираше со 335 милијарди инвестиции во инфраструктура. Го спомнувам овој план поради начинот на кој беше мобилизирана оваа сума средства, односно креирање на фонд за мобилизирање на повеќе средства од приватни и јавни извори за финансирање на проекти во сектори од клучно економско значење, како транспортна и енергетска инфраструтура, енергетска ефикасност, широкопојасно поврзување, иновации и долгорочни инвестициски фондови.

Станува збор за Европскиот Фонд за стратешки инвестиции (European Fund for Strategic Investment – EFSE) кој имаше мултипликативен ефект на инвестициите 1:15, така што средствата од Фондот гарантираа и на тој начин мобилизираа 15 пати повисоки инвестиции од средствата во фондот. Мултипликативниот ефект настанува така што со средствата од фондот се гарантираат кредити за нови активности преку Европската инвестициска банка (ЕИБ) во сооднос 1:3, додека ЕИБ нуди инструменти кои го мултиплицираат капиталот во сооднос од 1:5.

И Светската банка препорачува изнаоѓање нови инструменти и начини за финансирање на крупните капитални проекти, односно максисмизирање на финансиите за развој (Maximizing Finance for Development – MFD). Ова концепт предвидува различни солуции за финансирање на проектите вклучувајќи приватен и јавен капитал за оптимални резултати. Така економиите, особено економиите во развој и економиите со средни и ниски приходи, го зголемуваат пристапот до капитал како и опсегот на различни извори за финансирање, што оди во прилог на заложбите за одржлив економски развој.

Планот на Бајден “Изгради подобро” (Build Back Better)

Планот на Бајден „Изгради подобро” (Build Back Better) гарантира дека со излегувањето  од длабоката јавна здравствена и економска криза, а истовремено соочувајќи се со постојаната климатска криза, ќе започне циклус на инвестиции насочен кон создавање работни места кои се потребни за да се изгради модерна, одржлива инфраструктура и да се обезбеди целосно чиста енергија во иднината. Покрај Американскиот план за спасување (American Resque Plan) кој чини околу 2 трилиони долари,  или околу 10% од БДП на САД, со „Изгради подобро” се очекува да се отворат милиони нови добро платени работни места, како и градење на поотпорна и одржлива економија – онаа што ќе ги доведе САД на неповратен пат да постигнат нето-нула емисии, најдоцна до 2050 година.

План за финансирање на заздравување и забрзан економски раст

Во насока на нашите заложби за фискална консолидација, а воедно и заложбите за удвојување на економскиот раст и постигнување годишни стапки на раст на БДП од околу 5%, во Министерството за финансии во завршна фаза на изработка е Планот за финансирањето на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, кој наскоро ќе го презентираме и дискутираме во јавноста. Овој план дава одговор за нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор. Со планот сакаме да ги зголемиме вкупните инвестиции во економијата, а притоа да останеме на зацртаниот курс постепено да го намалуваме фискалниот дефицит, а со тоа и да го задржиме долгот на стабилно ниво.

Главната поента на овој план е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор. Со тоа, ќе се зголемат и вкупните инвестиции и ќе се забрза растот на бруто-домашниот производ и отворањето нови работни места.

Планот се состои во креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавно-приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор. Тоа ќе бидат проекти коишто се наведени во рамките на Националниот инвестициски комитет (НИК), како и нови проекти, коишто можат да произлезат како иницијативи од јавниот или приватниот сектор.

Планот за финансирање на заздравување и забрзаниот раст ќе подржи проекти во јавниот и приватниот сектор кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, односно ќе опфаќаат области од животна средина, дигитализација, иновации, човечки капитал и општествена инклузивност.

Развивањето на идејните решенија,  концептите, институционалните и законските рамки, техничката помош ќе биде овозможена во соработка со меѓународните финансиски институции како Светска банка и Европската инвестициска банка (ЕИБ). Дополнително, во наредниот период се очекува Светска банка да достави пред-студија за изводливост (Pre-feasibilty студија), која ќе ја обезбеди целосната слика и контури за креирањето и имплентацијата на овие активности. Имплементатори ќе бидат Развојната банка, Фондот за иновации и Технолошки развој, Дирекцијата за технолошко-индустриски зони и други институции со вклученост на комерцијалните банки и инвестициските фондови.

Во МФ се работи на регулатива за нови финансиски инструменти

Во насока на  имплементирање на новите финансиски инструменти потребно е создавање на соодветна институционална рамка со која ќе овозможи примена на истите, како и нивно понатамошно надградување. Во процес е создавање и носење на неколку законски решенија кои ќе го поддржат креирањето на овие фондови.

Во рамки на тие законски решенија е Законот за инвестициски фондови кој е во собраниска процедура. Тој предлага воведување фондови напојувачи и главни фондови и ги уредува условите за отворање на филијала на странско друштво за управување на територијата на РСМ, како и можност друштво за управување од РСМ да управува со инвестициски фондови преку стекнување на квалификувано учество во странско друштво или преку отворање на филијала во странство.

Со поддршка на Светската банка, Министерството за финансии го работи и Законот за алтернативни инвестициски фондови, кој треба да се донесе  во текот на 2022 година и со кој ќе се уреди работењето на фондовитe за ризичен капитал.

Уште еден закон кој е во насока на нови инструменти за мобилизирање на капитал е Законот за изменување и дополнување на Законот за Македонска банка за поддршка на развојот, кој се однесува на кредитно-гарантна шема (Гарантен фонд). Со гарантната шема, државата нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства преку преземање на дел од кредитниот ризик заедно со комерцијалните банки. Со ова се олеснува пристапот до финансиски средства за микро, мали и средни компании.

Со измените овој закон предвидува и формирање на фондови со кои може да управува Развојната банка во име на државата, кои ќе се однесуваат на кредитирање во земјата, издавање на платежни гаранции, авали и други форми на обезбедување, откуп, продажба и наплата на побарувања, факторинг и форфетинг за сметка на клиенти, тргување со хартии од вредност во свое име и за своја сметка, прибирање, обработка и анализа на информации за кредитна способност на правни лица и нивна продажба, економско-финансиски консалтинг, кредитно осигурување од комерцијални и политички ризици и осигурување на инвестиции. Овие фондови ќе можат да се полнат од Буџетот на Република Северна Македонија, заеми и кредитни линии од меѓународни финансиски институции, донации од земјата и странство и приходи од активностите кои се преземаат.

Нови развојни фондови и нови ингеренции за постоечките

Се разгледува можноста да се воспостават различни развојни фондови кои ќе таргетираат проекти во јавниот и приватниот сектор и ќе користат различни механизми за прибирање на капитал.

Една од тие можности кои се разгледуваат е Фондот за поддршка на извозни компании, кој преку поволни кредитни продукти ќе ги поддржи производните компании кои се извозно ориентирани.

Друга можност е формирање на Фонд за инвестиции, кој би поддржал покрупни проекти, пред се се капитални – образовни проекти како изградба на градинки, училишта, спортски сали и сл., при што при избор на компании кои би биле вклучени во целиот процес би се дала предност на мали и средни компании. На тој начин, од една страна покрај инвестиции во капитални добра би се поддржале и малите и средни претпријатија.

Уште еден фонд кој е предвиден со Планот за финансирање на заздравување и забрзан економски раст, е Фондот за зголемување на финансиски средства (Fund of Funds). Во фокусот на овој Фонд ќе биде да се стимулираат поголеми инвестиции на растечки-фокусирани бизниси. Целна група ќе бидат мали и средни компании во фаза на развој и експанзија на деловните активности и со седиште во РСМ.

Во рамки на Законот за алтернативни инвестициски фондови, кој е во фаза на подготовка, ќе се уреди и основање и работење на фондови за ризичен капитал, кој ќе прибира инвестиции од институционални инвеститори и приватни претприемачи кои ќе вложуваат поголеми износи.

Предвидено е формирање и на Стратешки инвестициски фонд, наменет за финансирање на инфраструктурата и инвестициите. Овој фонд ќе ја обезбеди потребната финансиска поддршка за покривање на обемната инфраструктура и агенда на инвестиции во слободните – економски и индустриски зони во Република Северна Македонија. По пилотирањето, моделот може да се прошири за да ги опфати сите вакви операции во земјата, без ограничувања, но со поддршка од меѓународни приватни и институционални инвеститори.

За воспоставување на дел од овие фондови, можно е да се користат веќе воспоставените институционални капацитети, како Фондот за иновации и технолошки развој, Развојната банка и Технолошко индустриската развојна зона.

Дополнителен инструмент за финансирање, покрај фондовите, се планира да биде и краудфандингот (crowdfunding – групно финансирање). За воспоставувањето на овој тип на инструмент ќе биде потребна техничка помош за проценка дали постоечката регулатива е во прилог на концептот на групно вложување и подготовка на евентуална законска рамка и организациски барања за воспоставување на овој концепт. Временската рамка за воспоставување на овој инструмент е до втората половина на 2022 година.

Исто така, предвидено е дизјанирање и издавање на развојна обврзница. Станува збор за нов инструмент на пазарот на хартии од вредност кој има за цел да мобилизира средства за нови развојни проекти.

Целта и очекуваните резултати од Планот за финансирање на економското заздравување и забрзан раст

Планот има за цел финансирање на заздравување на економијата погодена од КОВИД-19 и поддршка на забрзан и оддржлив раст, а притоа одржување на фискална стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства издвоени од буџетот.

Очекувани резултати на среден рок од Планот се: Удвојување на економскиот раст од просечна стапка на раст од 2,5% во изминатата декада на стапки на раст од 5%; зголемување на инвестициите во јавната инфраструктура, како и зголемување на инвестициите кај приватниот сектор преку механизам на мултипликација на финансиите со приватни покрај јавните извори на финансирање; одржување на фискална стабилност во рамките на Мастришките правила за јавен долг и буџетски дефицит. Следствено, инвестициите и забрзаната динамика на раст ќе придонесат кон зголемување на работните места и подобрување на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните.

Ни претстои напорна работа, јавни дискусии, дебата и размена на идеи за да дојдеме до најдобрите решенија кои на среден и долг рок ќе донесат до економски развој и подобри услови на живот за нашите граѓани.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот