Плакети за Николов и Начевски кои го судеа олимпиското ракометно финале

Николов и Начевски во олимпиското финале во Токио им судеа на Франција и Данска/Фото: Агенција за млади и спорт

Агенцијата за млади и спорт организираше прием за нашите најдобри ракометни судии, кои беа дел од финалето на машкиот ракометен турнир на Олимписките игри во Токио, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

– Голема чест и задоволство ми претставуваа што наши гости се луѓето кои претставуваат величини во македонскиот и светски ракомет. Одлуката да ја делите правдата во финалниот натпревар на најголемиот спортски настан е доволен показател за квалитетот и реномето кое го имате стекнато во светската ракометна судиска фела.

Наша заложба е што поскора измена на Законот за спорт, во кој освен спортистите кои со врвни меѓународни одличја остваруваат право на таканаречената спортска пензија, оваа придобивка да ја имаат и спортските работници, како неоспорен дел од спортот воопшто – рече директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.

– Ова е наша трета олимпијада и некако беше очекувано после толку натпревари на светското во Египет, како и седум натпревари на ОИ во Токио, речиси секоја од нив дерби натпревар, да ја добиеме можноста да ја делиме правдата во едно финале – истакна Начевски.

Начевски и Николов го судеа финалниот натпревар на 7 август помеѓу Франција и Данска, во кој Французите беа подобри со 25:23.

Заложбата на АМС е за што поскоро измена на Законот за спорт/Фото: Агенција за млади и спорт

Тој додаде дека ништо не е случајно и дека за да се изборите во еден таков ракометен врв, а доаѓате од една мала земја како нашата, мора да се три пати подобри и по квалитетни од другите.

Искажа голема благодарност за иницијативата на Мојсовски за вреднување на остварувањата на спортските работници. Своите импресии од ОИ ги искажа и Николов потенцирајќи дека за прв пат се дава важност и на спортските работници како важен фактор во спортот. Мојсовски во знак на благодарност за сите досегашни остварувања во областа на ракометот им додели плакети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот