Плафонот го допре патосот

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

И потоа се чудиме зошто луѓето се иселуваат. Преку глава им е од неодговорност, преку глава им е од политичари што си гледаат само за сопствени интереси. Преку глава им е од плукни-залепи политики. Да се надеваме дека наскоро нешто ќе се смени, бидејќи како што тргнала работава, сами ќе се укинеме како држава. Нема да остане никој.

Неделава јавноста ја вознемири инцидентот во Карпош кога покрив на градинка се урна целосно под притисокот на обилните врнежи што деновиве го зафатија главниот град. Среќа во несреќа е што ова се случи за време на викенд, кога градинката беше празна. Не сакам ни да помислам што би било ако во занималната имаше деца. Но, Господ ги чувал.

Впрочем, во нашава држава сè така функционира. Господ да нè чува, бидејќи властодршците никако не мислат за народот, за неговата безбедност и благосостојба.

Замислете, конструкцијата на шините била конструкција за ѕид, а не за кров. Па, колку треба да си стручен за ова да го згрешиш кога веќе се занимаваш со градежништво? Води ли некој сметка кој ги прави градбиве низ државава, какви профили луѓе се тие?

И сега повторно одговорноста ќе се префрла од еден на друг. Богоев бил виновен, Јакимовски бил виновен. Во времето на Богоев се направи реконструкцијата на градинката, ама во времето на Јакимовски бил склучен договорот. И така во недоглед. А фирмата што го правела кровот и онаа што вршела надзор над изградбата, никој не ги спомнува. Сигурно во нив се нечии профилирани партиски другарчиња и ќе им се прогледа низ прсти. Бидејќи во Македонија бизнис-интересите се над сè. Секогаш. Ќе има ука-бука два-три дена, можеби и една недела и потоа сè ќе се стиши. Ќе се најде некој кабел виновен или некој починат шофер и целата приказна ќе заврши. Како што, впрочем, завршуваат сите несреќи во државава.

Одговорност за модуларната болница сè уште нема. Одговорноста за автобуската несреќа во Бугарија се префрли на шоферот што возел со непрописна брзина. Секако, сопственикот на „Беса транс“ и натаму си тера бизнис-тури. Никој не го чепка.

Одговорност за несреќата кај Ласкарци исто така нема. Се сеќавате на поплавата во Скопје во 2016 година која однесе и човечки жртви? Понесе некој одговорност? Никој. Ја санираше некој обиколницата? Не. Важно имаме градоначалници, директори на јавни претпријатија, министри, пратеници… Ги имаме само за сликање и за ништо повеќе. Народот ќе ги изгласа, ќе се сместат удобно во фотелјите и ќе си свиркаат. Главоболки добиваат само за бизнис-зделки. А народот? Него кој го врти. Пак ќе излезе на избори и ќе ги гласа.

Да се надеваме дека летово времето ќе нè послужи, па нема да ни изгорат шумите како лани, бидејќи и покрај страшните пожари со кои се соочивме минатото лето, никој со прст не мрдна нешто да се направи во тој дел. На пример, да се подготвиме за оваа година. Канадерите за гаснење пожари „сè уште се на сервис“.

Земјите од регионот во ек на економска криза наголемо се подготвуваат и ги опремуваат своите противпожарни единици, вклучително и леталата за гаснење пожар во пресрет на сезоната на пожари. БиХ донесе одлука за набавка на авиони и хеликоптери за гаснење на пожар во висина од 15,3 милиони евра. Србија најави купување нови 30 воздухопловни летала оваа година за потребите на српската армија, кои во исто време можат да им служат и на противпожарните единици на земјата.

А во Македонија? Е, па, еден ер-трактор сме поправиле, а другите два, еве, се праќаат на сервис. Кај и да е, ќе се поправат. Утеха ни е Стојанче Ангелов, кој рече дека годинава може да сметаме и на еден хеликоптер од МВР за гаснење пожари. Ќути, ми олесна. Безбедни сме. Само Господ да нè чува.

И потоа се чудиме зошто луѓето се иселуваат. Преку глава им е од неодговорност, преку глава им е од политичари што си гледаат само за сопствени интереси. Преку глава им е од плукни-залепи политики. Да се надеваме дека наскоро нешто ќе се смени, бидејќи како тргнала работава, сами ќе се укинеме како држава. Нема да остане никој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот