Плаче мајка егејска

Фото: Слободен печат

Денешниот датум ќе остане запомнет како најцрн во историјата на македонскиот народ, бидејќи илјадници Македонци беа приморани да ги напуштат своите вековни огништа и да се преселат по „белиот“ свет.

Пред точно 71 година, Демократската армија на Грција (ДАГ) побара примирје, што практично значеше и признавање пораз во граѓанската војна водена со Националната армија на Грција (НАГ).

На 16 октомври во 1949 година заврши крвавиот судир, кој ќе остави катастрофални последици врз грчкиот народ, кои можат да се забележат и денес. Сепак, овој датум ќе остане запомнет како најцрн и во историјата на македонскиот народ, бидејќи илјадници Македонци беа приморани да ги напуштат своите вековни огништа и да се преселат по „белиот“ свет.

Граѓанската војна во Грција е мошне комплексна за да биде опишана во еден новинарски текст, а како и секоја друга братоубиствена војна, изобилува со насилства, злосторства и големи ѕверства правени во име на нацијата или идеологијата.

Сите ние добро знаеме дека Македонците се протерани од Грција бидејќи биле на губитничката страна. Но, што ќе се случеше доколку ДАГ триумфираше во граѓанската војна? Доколку на 16 октомври, наместо силите на ДАГ, примирје побараше генералот Александар Папагос, највисокиот офицер во НАГ, заедно со 80 илјади британски војници? Многу веројатно е дека денешниот ден ќе го славевме како датум на македонско-грчкото пријателство.

Околу 25 илјади етнички Македонци од Егејска Македонија активно учествуваа во воените судири, а ако му се верува на Никос Захараидис, последниот лидер на ДАГ, Македонците навистина биле витален дел од прокомунистичката воена солдатеска.

– Во Северна Грција, Македонците херојски ги поднесоа борбите и страдањата и нивната саможртва е восхитувачка. Не смее да има двојба дека по победата, македонскиот народ ќе биде целосно национално признат. Македонските комунисти се секогаш во првите редови на борбата, заедно со својот народ. Во исто време, Македонците мора да внимаваат на шовинистите контролирани од странски служби, кои посакуваат да го уништат заедништвото на македонскиот и на грчкиот народ. Тие шовинисти му служат на монархофашизмот и на британскиот империјализам – порачал тогаш Захараидис.

Доколку некој наш историчар се реши да напише некаква книга која би го носела насловот „Алтернативна историја на македонскиот народ“, секако дека овој запишан говор на лидерот на ДАГ, Никос Захараидис, би можел да послужи како клучен факт за тоа дека Македонците од Грција можеле да се надеваат на сосем поинаква судбина, доколку војската во која се бореле успеала да однесе победа во граѓанската војна. Наместо „Плаче мајка егејска“, денеска ќе се пееја некои други стихови, со кои ќе се славеше херојска борба и големата победа.

Но, ДАГ ги загуби решавачките битки на Витси и на Грамос, каде што непријателот употреби напалм бомби и „тепих“ бомбардирање од воздух врз населените места. Тоа значеше пораз за комунистите и републиканците, но и за Македонците, кои на крајот излегоа најголеми жртви на грчкиот судир. Приближно 100 илјади трајно ја напуштија земјата, а тие што останаа, беа приморани да замолкнат на македонски и да проговорат на грчки јазик.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот