Пиво во тетрапак

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Пивото е најпопуларниот пијалак во ЈуКеј на кој Британците во 2020 година потрошија седум милијарди фунти. Со пиво се оди секаде – на излет, на фудбал, почнаа и во театар да го продаваат. Но, ете сега криза. Има пиво, нема – шишиња. Трескавично се бараат нови решенија. Можеби пиво во тетрапак? Оној триаголен?

Влегувам во непозната, односно во слабо позната територија – пивото и сè што е во врска со овој пијалак. По толку време поминато во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во право се сите оние кои ќе помислат – па добро, ма, Жанета, одиш ли ти во паб, и ако да, што пиеш таму? Прво и прво, одам, ама повеќе во оние таканаречени „гастро пабови“ (немаат врска со гастроентерологија туку со гастрономија) и, второ и второ, ете, повеќе сум по другите пијалаци, со акцент на вино. Да не почнам сега да ги редам другите пијалаци, зашто долг ќе биде списокот и да не помислат некои (а ќе помислат, има такви, само да почнам да редам) дека рекламирам алкохол или, не дај боже, нешто друго.

За мојата наклоност кон виното виновен е дедо ми Михајло, во блиските кругови познат како Мице, кој ме носеше во Турска чаршија каде што дегустираше винце директ од бочви за да знае што да однесе во Загреб, а јас седев во ќоше и добивав мала чаша од срча со тазе шира, која ја густирав со задоволство. И семејно некако не сме по пивото, освен кога се мести шатор во Шпанија, па маж ми ќе дрмне студен „Сан Мигел“ да се олади додека ме остава јас да ги држам двете шипки однатре од пониската страна и да се потам како во сауна. А дома се уште се раскажува анегдотата кога семејниот пријател Жан Филип од Нант, кој во Скопје се „дрмна“, и тоа сериозно, од три „скопски“ зашто беше навикнат на оние нивните со три грама алкохол, па после го трезневме со кафиња на езеро Треска.

Фенси-шменси пива

Пивото е најпопуларниот пијалак во ЈуКеј на кој Британците во 2020 година потрошија седум милијарди фунти. Со пиво се оди секаде – на излет, на фудбал, почнаа и во театар да го продаваат. Но, ете сега криза. Има пиво, нема – шишиња. Низ земјата во последниве десетина години се отворија и бројни микро пиварници кои произведуваат најразлични фенси-шменси пива со вакви, такви и онакви вкусови, некои, велат, и многу добри. Толку добри, што популарниот светски бренд  „Хајнекен“ почна да поткупува пабови да не продаваат други пива освен нивното, па кога го фатија (а го фатија) заработи и судска казна од два милиона фунти.

Ама сега и на овие големите и на оние  „фенсишменсите“ им се заканува криза, не дека ќе нема кој да ги пие, туку дека ќе нема во што, а ако има во што ќе бидат многу скапи, па ќе им се отпие на многумина освен на оние најбогатите. А пивото никогаш не било пијалак на богатите, барем не тука. Шишињата поскапуваат поради покачување на цената на струјата во толкава мера што производителите се обидуваат да смислат алтернативи. Пластика не доаѓа предвид, па изгледа доаѓа времето на конзерви. Шкотскиот бренд „Волт Сити Бруинг“ веќе од идниот месец ќе продава пиво само во лименки, а овој тренд ќе го следат и другите, па дури и колегите преку каналот во Германија, каде што ја споделија загриженоста за исчезнувањето на традиционалните шишиња кои имаат голема улога во пиварската индустрија. Работите отидоа до таму што трескавично се бараат нови решенија. Можеби пиво во тетрапак? Оној триаголен? Или како кесичка, лесна за транспорт, ама малку компликувана за консумирање? И како тогаш оние кои имаат свои ритуали ќе стават лимонче или онака со прст ќе го „пукнат“  тетрапакот? Шише си е шише.

Да живееме ли, премиеру?

Во рамките на сличните „тетрапак“ финти, продолжува, верувале или не, сагата со „Партигејт“, знаете, она кога премиерот и неговите пиеја и мезеа додека ние другите бевме во локдаун и не можевме да се видиме ни со пријатели ни со роднини, а најблиски ни беа продавачките во самопослугите. Не му даваат на Борис Џонсон да здивне, деновиве излегоа нови слики со  вина и шампанско и мезе и крофни. Каков малер е премиерот, за цело време на кризата со ковид пандемијата, каде и да влегуваше по канцеларите и да излегуваше во дворот, таму го начекуваа со роденденски торти, со пијалаци, со храна и со прашања од типот: „да живееме ли, премиеру?“, „на здравје“ и „за многу години“, а тој како најодговорен мораше да одговара со „да живееме“, да се грижи за здравјето и да посакува уште многу години да биде премер, или барем до следните избори, а не предвреме да замине.

Опозицијата пак бара од него да даде оставка, а од полицијата да објасни зошто и за оваа ноемвриска забава Борис не бил казнет, а други биле. А тој и натаму вели дека не знаел за забави и дека има задача да ја извади земјата од економска криза и да се справи со војната во Украина. Борис Џонсон се држи за рачката од вратата на Даунинг стрит 10 и има намера да остане таму до последната капка крв на другите.

И додека се очекува конечно обелоденување на деталите од  извештајот на државната службеничка Су Греј за одговорноста на премиерот и за забавите, канцеларот Риши Сунак решава да објави нови финансиски мерки за помош на семејствата и закрепнување на економијата, зашто претходните му беа „тенки“. Најавува пакет мерки за помош на слабо платените, па и средната класа и делови од населението кои оваа пролет бираа дали ќе се греат или ќе јадат, а за идната есен или зима ги очекува уште полошо. Сунак е, инаку, првиот политичар во земјата кој се најде на листата на најбогатите луѓе во земјата, со комбинирано богатство заедно со сопругата од 730  милиони фунти. Платата башка. Денови потоа тој  порача дека „следните месеци ќе бидат тешки“ додека трошоците за живот се интензивираат. Велат дека канцеларот и премиерот не секогаш се согласуваат за економските мерки, ама случајно или не, во истата недела кога е најавен извештајот, се согласија да има мерки. Тетрапак мерки? Со цевче? Ќе има ли „пук“?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот