Писма, паметни телефони и осум секунди

Жанета Скерлев - новинар / Фото: ''Слободен печат'' / Методи Здравев

Центар за студии за испитување на вниманието обелодени дека на денешните млади им е всушност тешко да читаат. Универзитетските професори се жалат дека со ретки исклучоци, на студентите им е тешко да ги „совладаат“ книгите. Порано, задававме задачи да се прочита една книга за две недели. Сега младите главно се концентрираат на некој наслов околу… ама не околу туку – осум секунди.

Кога последен пат сте пратиле писмо? Или честитка за Нова година? Или картичка, онаа поштенска на која има главно текст, кој, во девет од десет случаи гласи: „Топли (или срдечни) поздрави од Лондон/Лазарополе/ Мешеишта/Манчестер… тука е многу фино. Ве сакаат Ж&Б“.

Јас, да ви кажам право, редовно праќам картички, посебно честитки за Нова година, плус разгледници од местата во кои шетам во текот на годината. „Последниот Мохиканец“, ми вели Нана, „никој веќе не честита Нова година со честитки“, ама што да правам, од некои навики човек тешко се одвикнува. Што и не е така лошо, се убедувам самата, и покрај тоа што бројот на честитки од година во година ми се намалува. И испратените и добиените. Едно време праќав некаде 50 до 60 честитки, а парите за поштенски марки беа многукратно повисоки од цената на честитките. Тоа ни е фамилијарно, зашто позната и призната писмопишувачка е мајка ми, која со години ми пишуваше писма за Лондон, известувајќи ме за разни настани и случки и редовно испраќајќи ми научни студии за – штетноста од пушењето. Да, можеше и по телефон, ама ајде што е скапо (нема евтини импулси за МКД), туку поважно е што не ќе можев да ѝ кажам, ајде доста за пушењето, имам работа, некој ми ѕвони на врата и слично. Напишаното си е напишано и тоа останува. И од писмата ли ќе беше, од владината кампања против пушењето ли ќе беше, од забраната за пафкање на затворено, од смрзнувањето пред Би-би-си со сѐ помалубројните пушачки и пушачи (одамна нема мали пушачиња, мина времето на Дикенс), ама јас престанав. А почна со писмата….

Ние Англичаните, и натаму праќаме картички и честитки. Сѐ уште. Има прекрасни за секаква прилика. Со многу убави пораки и илустрации. И за родендени, и за веридби и венчавки, и за годишнини, и за сочувство, и за помени, и за благодарност, и за дипломирање, и за вселување во нов стан, и за положен испит, за матура, за возачки, за дипломирање… а во поново време и за раскинување и разводи! „Конечно го откачи оној – честито и секоја чест, и онака беше за никаде и не те заслужуваше“!Нема што нема! И такви од родители за деца, и од деца за родители, за братучеди, за и од зетовци и снаи, а за свекрви и баџанаци и разни золви и јатрви и секакви  роднински комбинации, ич муабет да не правиме! Има и за шефови и шефици, ама од „Клинтон“, една од најпопуларните книжарници за честитки, подароци и балони, велат дека тие речиси воопшто не им се трошат, па ги чуваат онака, колку да се задржи разновидноста.

Писма фрчат на сите страни

 

Во доцниот британски деветнаесетти век, лондончаните, лондончанките (и секако, незаборавните мали лондончанчиња), можеа да очекуваат да добијат по 12 поштенски испораки секој ден. Писма фрчеа на сите страни. Се пишуваше и одговараше побрзо од тоа што денес некои некаде го прават со електронската пошта, односно со имејлот. Ова нема врска со тоа што кога праќам мејлови на Балканот, ретко добивам одговори истиот ден, а среќна сум кога ќе одговорат за некој ден или недела. Навика си е навика, а бизнисот секогаш може да почека, нели? Но, Британците од 19 век беа писмопишувачи и исполнителни.

За што пишуваа и се допишуваа моите сограѓани тогаш? Архивите покажуваат дека се испраќале писменца за состаноци или за вечери, и тоа првите рано изутрината, за потоа да имало предоговарања и детализирања, па дури и расправии во текот на денот, кулминирајќи попладнето со некаков договор со кого, каде и во колку часот ќе биде средбата. Или не. И сето ова пред да се стемни. Можеби ќе помислите дека оваа преддигитална ера била слична како и денес, без забегување на некоја друга интернет-страница или други дигитални дистракции, но не било така. Писмата биле пишувани со мастило и перца и „впивателна“ хартија на подолги листови и како што реков, писма, писменца и пораки „летале“ низ градот. Праговите пред вратите и потоа поштенските сандачиња се полнеле секој час, па не било секогаш лесно да се постигне, превтаса, одговори и договори. Како ли им било на поштарите…Писмопишувањето остана подолго време „заштитен знак“ во земјата, а и ден денес банките, болниците и некои институции праќаат писма. А ќе стигне и по некоја картичка. Главно реклама.

На младите нема кој да им пише?

 

Зошто не се пишува и зошто новите генерации се заморуваат од читање? Заситеност, сѐ покусо време на концентрација? Тоа „непостигнување“ или дистракција можеби е причината за когнитивната криза на дигиталното време и постоењето реална и опиплива загриженост за младите генерации. Да, за оние на кои мобилните телефони им се како составен дел од раката, небаре сраснале за дланките и на кои само им завидувам за една работа – брзината со која куцкаат и праќаат пораки додека истовремено јадат, зборуваат, возат и… размислуваат? Центар за студии за испитување на вниманието обелодени дека на денешните млади им е всушност тешко да читаат. Универзитетските професори се жалат дека со ретки исклучоци, на студентите им е тешко да ги „совладаат“ книгите. Порано, задававме задачи да се прочита една книга за две недели. Сега на студентите им е тешко, вели еден професор, кој го спомна случајот со млада девојка која се охрабрила и признала дека има проблем, дека бавно ѝ оди читањето и дека често не го разбира она што го чита. Таа барем се охрабри, вели тој. Другите, страдаат и се фрустрираат во самотија…

И кој друг ќе испитува колкав е размерот на концентрација, ако не платформите како Мајкрософт, на пример. И тоа од чисто практични, бизнис-причини… да видат какви информации, односно колку долго можат да го задржат вниманието на корисниците, со акцент, се разбира, на младите. Кои, според најновите податоци, главно се концентрираат на некој наслов околу… ама не околу туку – осум секунди. Осум! Од 25 секунди колку што било пред некоја година. Па и Нетфликс, ТВ-платформата за филмови, серии и слично, сега најдолгите филмови ги ограничи на 90 минути. Саат и пол. Кој виде виде, кој не, нека снима и повтори гледање, повеќе пати. Додека не разбере!?

Филмови кои траат два и повеќе часа стануваат минато и само за вљубеници на филмската уметност, книги кои имаат повеќе од 30 страници остануваат непрочитани, а пораки над 8 секунди погодни за консумација како брза храна… тоа стана сегашноста, заклучуваат професорите, компаниите и аналитичарите. Виновник? Паметните телефони.

Егзистенцијална криза

 

Едно училиште тука донесе одлука на учениците да им се забрани користење телефони додека се на настава. Имало, велат, „егзистенцијални кризи“, на младите им било тешко, на некои дури и неподносливо. Но резултатите се охрабрувачки. Имало навика, ама и одвика.
Со онлајн културата длабоко вкоренета во нашата дневна рутина, а најмладите возрасни Британци родени во 2004 година, прашање е каква е способноста на општеството да ги задржи информациите кои се променија во последните години?

Едно истражување за задржување на информации, или поедноставно кажано, запомнување, покажа дека по три дена испитаниците можеле да се присетат на 10 до 20 проценти од напишани и слушнати информации, но дури 65% од визуелните информации. Без помош на визуелното, најголемиот број луѓе ќе прочитаат само 28% од текст на онлајн страницата, а многумина само 20%.

Заклучокот е дека децата на претшколска возраст кои користат таблети, најдобро учат, визуализираат, одлични се сликите на овој медиум и на тој начин им се развива фантазијата. Но потоа, кога ќе стапат на сцена мобилните телефони, оние паметните, учењето се покажало како слаба страна. Плус, намалувањето на концентрацијата за 25% во последните години и способноста да се задржи вниманието само 8 секунди…

Треба нешто да се преземе, велат, зашто ако вака продолжиме, не ни се пишува добро. Ако во меѓувреме не заборавиме да пишуваме, знаете, она ракописно, не со големи печатни букви. Ете, не мора писмо, барем една картичка. И по некоја слика. Колеги, а да ставите и неколку слики во текстот плиз? Што е сигурно, сигурно е. А и научно докажано.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот