ПИСМА ОД ЛОНДОН Трка за прво место

Коњичката трка Гранд национал, која годинава ќе се одржи по 172. пат по ред на патеката или хиподром Антри кај Ливерпул, е врвот на тридневниот фестивал, кој почнува на 4 април со Денот на отворање, со мажите во фракови и свечени триделни костуми, проследен со популарниот Ден на дамите на 5, кога се носат екстравагантни гардероби и шапки – која од која пофантастична, пооткачена и повпечатлива! Секако, врв на настанот е трката стиплчејс, коњичка трка на далечина во која натпреварувачите прескокнуваат различни огради и пречки.

Годинава се пријавени 81 учесници/натпреварувачи/коњи со јавачи. Ваквите трки ги има главно во Ирска, во Обединетото Кралство, Канада, Соединетите Држави, Австралија и Франција. Трката е брза, долга, сурова. Облозите се високи. Честопати има падови и повреди, и на коњите и на јавачите. Коњите што ќе скршат нога, а не можат да заздрават, често ги убиваат, за да не се мачат. Јавачите не. Престижот за победникот е многу голем. А наградата на Гранд национал е еден милион фунти.

Егзит на Меј за брегзит

Денот кога Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска требаше да излезе од Европската Унија првобитно беше 29 март. Ама еве, гледам наоколу, затоа што почнаа да се случуваат неверојатни работи па човек мора да е внимателен, плус не бев малку во земјата, па како што сега стојат работите, сè уште сме во ЕУ и токму на овој ден парламентот гласа по третпат за договорот на премиерката Тереза Меј. Знам, знам, Меј побара и доби условено одложување.

Оние што го следеа развојот на настаните, а ако има такви и знаат што се случува, секоја чест, длабок наклон и огромно почитување, знаат дека според конвенцијата што ја посочи спикерот на парламентот и која датира од 1604 година, не може да се гласа трипати за ист закон. Ова е испочитувано и во 12 последователни случаи, а со цел да се „обезбеди умно трошење на времето на работа на парламентот и соодветно почитување на одлуките што ги донесува“. Или во превод – „да не си го трошиме времето и да не си играме играчки“.

Но, соочена со одлуката за главечко излегување од ЕУ, Меј мора да стави нешто на гласање, па го подели договорот и стави да се гласа само за политичкиот, помалку спорен дел. И се заложи себеси, односно кажа дека, ако се изгласа договорот за напуштање на ЕУ, таа ќе го напушти премиерското место. Егзит на Меј за брегзит.

Мали се шансите сега да успее нешто што парламентот поделен на ( најмалку) четири групи со месеци не се усогласи и осумпати одбиваше да каже „да“ на разни гласања во врска со брегзит, па речиси извесно е дека на Меј деновите и се одбројани. А како стојат работите, и на Обединетото Кралство во Европската Унија, мај ќе биде кобен за Меј. А за земјата или 12-ти или 22 мај. Освен ако не се случи во сета оваа збрка хаотично излегување или земјата да излезе од ЕУ, ама ќе биде како да е во ЕУ или додека се снаоѓаат да излезе дека останавме каде што бевме на почетокот.

А во меѓувреме

Во меѓувреме… ех, ајде да ја спомнам опозицијата која е неубедлива, вели дека да биле тие, ќе испреговарале подобар брегзит (звучи познато?), гласаше против втор референдум, ги разочара младите во своите редови. И бара нови избори. Ги гледам колегите новинари, експерти, аналитичари како се обидуваат да објаснат, предвидат, кажат нешто што ќе има смисла. Земјата никогаш не била во ваква ситуација и мислам дека сите се збунети и шокирани. И не им се верува и веќе не минува ниту осудата дека за сето ова се виновни „бирократите од Брисел“.

Еден мој пријател ми вели, ама зошто не кажат овие твоите (демек, кога не му чинат Британците, мои се, кога му победува Манчестер јунајтед, негови се), зошто не кажат – „извинете ЕУ, ние малку се пресметавме, сега гледаме дека не оди лесно работата, земјата во хаос, ние не би да излеземе… еве ќе платиме и некоја казна, некоја камата затезна и одиме понатаму, може“?

Откако ги избришав солзите од смеење, му кажав дека идејата му е супер, ама баш би сакала да видам сегашен британски политичар што би го сторил тоа, по децении негување супериорност кон ЕУ. Нема, нема, не се родил… или се родил, ама не пораснал. Еден од пратениците конзервативци, лорд, денес на седница дојде облечен како за на свадба или за на коњичка трка, со фрак, со бела кошула со крената јака, со свилена машна. Лордот да се извини? Не можам да (го) замислам.

Но, она што веќе се случува не мора да се замисли, веќе се случува. Тоа е поместување и лобирање и испитување на пулсот за тоа кој ќе стане „калиф наместо калифот“, односно кој ќе ја замени Меј на лидерското место на Конзервативната партија. И потоа, на местото премиер на Британија, во или надвор од Европската Унија. На обичниот човек, после сè што се случуваше, трката за лидерското и премиерско место му изгледа како прифаќање жежок костен и ставање трн во здрава нога, нешто што во овој миг никој со здрав ум не би требало да го посакува.

Но, политичари се тоа, политичари. Кои, всушност, се заслужни за сето ова што се случува. Од Камерон, преку Џонсон и Фараж и Јакоб Рис Мог до Гоув и Корбин. Веќе ги гледаме потенцијалните кандидатки и кандидати како даваат изјави, интервјуа, џогираат во нова спортска опрема и случајно ги сликаат како возат еколошки возила и велосипеди и скутери. Случајно. Па изгледа ќе има повеќе кандидати во трката за прв човек на земјата отколку учесници во трката Гранд национал во Антри. И јавачи и коњи. Нека им е со среќа. Ќе ни треба на сите нас. И на Европа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот