Писма од Лондон: Советникот

Доминик Камингс имаше симптоми на ковид-19, исто и неговата сопруга, ама таа само малку. Потоа реши, и покрај правилата на самоизолација од 14 дена, сите заедно да одат до замокот во Дарам за да организира нешто за детето. Па отишле до блиското излетничко место, замокот Барнам. По околу еден месец, ова стана познато на јавноста. Новинарите кренаа врева и потоа со Борис мораа да одговараат на незгодни прашања.

„Доаѓај брзо, и овој за исто прашува! Леле, што му прават на човекот. Душа му извадија, крв на памуче му…“ вика маж ми по мене додека јас сум во кујната да ги обновам залихите од бадеми, ореви, интегрални соленки и со полни раце трчам назад да не пропуштам нешто од најновата епизода во серијата која (наивно) ја нарековме: „Одбраната и последните денови на Доминик“.

Имавме сѐ. Коронавирус. Зараза со ковид-19 и возење на заразени со автомобил „наваму-натаму“, околу 900 километри. И брачна ситуација, и болно дете. И пријателство од студентските денови. И заговори. И правила и кршење на правилата. И вознемирена јавност. И разлутени пратеници и опозиција. И централната личност, проќелавиот, несимпатичен (освен, претпоставувам, на семејството) неверојатно арогантниот специјален советник на премиерот Борис Џонсон, Доминик Камингс, кој неочекувано се појави на прес-конференција, меѓу розите и со црцорењето на славејчињата во дворот на неговиот претпоставен, да објаснува. Зборуваше еден час, одговараше на прашања на новинари, и – не се извини, не рече дека жали за своето однесување, не рече дека ќе поднесе оставка, туку дека дејствувал „инстиктивно“ кога ги прекршил правилата за самоизолација и дека – пак би го сторил истото. И си замина, без капка пот (а сончево беше) и не во историјата, туку и натаму да го советува Борис и да кова нови планови за ковид-19 (неуспешни) за брегзит (досега релативно успешни) и за нервирање на сите новинари и речиси цела земја (сосема успешни).

Куса историја на аферата

Доминик Камингс имаше симптоми на ковид-19, речиси истовремено кога и неговиот шеф, премиерот Борис Џонсон. Исто и неговата сопруга, ама таа само малку. Потоа реши, бидејќи на четиригодишниот син не му било добро, и покрај правилата на самоизолација од 14 дена, сите заедно да одат до замокот каде што живее неговиот татко, во Дарам (400 км од Лондон) за да организира нешто за детето. Ама после му било подобро. Па отишле до блиското излетничко место, замокот Барнам, на 48 км, вели, да си го испроба видот (!) дали може да вози назад до Лондон, таму излегле само накратко, на половина час, да протегнат нозе и да мочнат, па кога се испробале и мочнале (во природа, јавните тоалети тогаш беа затворени) и само се поздравиле со кимање со околното домородно население, се вратиле во замокот, а потоа и по некој ден се вратиле во Лондон. По околу еден месец, ова стана познато на јавноста, која во тоа време главно седеше дома и почитуваше изолација и неизлегување, новинарите кренаа врева, и прес-конференции на министрите во владата на Борис Џонсон. И потоа и со Борис мораа да одговараат на незгодни прашања.

Упорни новинари

И тогаш ми се оствари најголемата желба во мојата новинарска кариера. Се случи нешто што немав видено и доживеано досега. Новинарите од сите медиуми, провладини,  проопозициски, од локалните, регионалните, научните, медицинските… ама од буквално сите весници, списанија, портали, магазини, дури и свештените лица… сите до еден не им даваа да здивнат на министрите. Од ден во ден. Траеше тоа речиси една недела. Но и сега, кога Џонсон објавува нови мерки за олабавување на изолацијата. Ќе излезе министерот за патишта или за здравство и ќе објави нешто за ваучери за велосипеди или за престилки за болници (оние од Турција што им ги нарачавме – им ги вративме, фалц беа, сега ги чекаме парите) и ете го првиот новинар – зошто Камингс не поднесе оставка? Па вториот, не ли му е срам на Камингс да ни кажува ние дома да седиме, а тој излегува и да вози за време на изолација? Па како тоа едни правила за Камингс, а други за нас, обичните смртници? Кога конечно на прес се појави Борис Џонсон за да ја смири ситуацијата што излезе надвор од контрола, баражот не само што не стивна, ами се засили – со клучното прашање од новинарката на Скај – со што толку ли ве задолжи Доминик, премиеру, па не го отпуштате, кога ви се намали рејтингот и вам, на минус еден од 25 отсто и на владата, на минус 2, а во прашање го доведувате и почитувањето на мерките кои ги „проповедате“, зашто тие треба да бидат исти за сите, нели?

Сум била на многу прес-конференции каде што новинарот ќе си праша, ќе добие или не одговор и – одиме понатаму. Ретко каде имало солидарност. Еднаш со колешка   притиснавме за одговор еден многу висок политичар. Ама третиот колега не нѐ поддржа, а следните прашуваа нешто за „сексот на село“ и важните прашања останаа неодговорени, ние останавме ние како  риби на суво, а победничката насмевка на гореспоменатиот и до ден-денес ја памтам. И не ми е утеха што тој „барем даваше интервјуа“, за разлика од тие по него, воопшто не. Затоа, се радувам кога новинарите се упорни, кога не се филодендрони и други дрвенести растенија на прес-конференции, и кога поставуваат вистински прашања и препотуваат политичари, функционери, министри и премиери.

Мала група владетели

Доминик Камингс е главниот советник на Џонсон, оној кој, велат, го осмисли брегзит и кој заедно со малата и верна дружина добростоечки аристократи, едуцирани на Оксбриџ, успеа да ја ребрендира Конзервативната партија и да ги добие изборите со комотно мнозинство – во време на слаба и конфузна опозиција на Џереми Корбин. Камингс и Џонсон и уште седум-осуммина околу се едно фино, меѓу себе комотно друштво, велат, кое одлично соработува меѓу себе. Но ретко кој може да им се придружи и ако некој не „игра како што треба“, веќе „не го играат“, што на своја кожа најдобро го почувствува поранешниот канцелар Саџид Џавид, кому му беше речено дека може да остане министер за финансии, ако го отпушти својот тим и ако прави, велат, како што ќе му каже Камингс. Тој не прифати и, ене го сега, на последните клупи во парламентот.

Во својот проштален говор кажа дека така е тоа во животот – има „камингс енд гоингс“, во превод доаѓања и одења, очигледно алудирајќи на Доминик Камингс, кој според многумина ги држи конците во број 10. Велат, Борис Џонсон е харизматичниот, тој што знае да говори и да шармира и да им продаде мраз на Ескимите, и така успеа да освои лабуристички делови во северна Англија и Велс, и речиси да го посини кралството (сината е боја на Ториевците). Но, Борис не е човек од детали, често импровизира и затоа му се потребни оние другите, од групата. Доминик Камингс е главниот стратег, тој е оној што ги влече конците во заднина. До пред некое време  јавноста го знаеше  само како оној што ја осмисли финтата со црвениот автобус, со лажниот податок за парите од јавното здравство на ЕУ, со која се доби брегзитот и изборите.

Сега знаеме повеќе детали. Дека не го сака парламентот и пратениците. Дака не ги сака новинарите. Дека се смета над законот. Дека е мошне интелигентен. Дека речиси нема колега кого нема навредено. Дека негова беше првичната идеја за справување со коронавирусот тука со „имунитет на стадо“, па најсилните нека преживеат. Новинарот на „Гардијан“, Патрик Винтур, откако го прочита есејот на Камингс  за трансформирање на Британија во меритократски технополис го нарече „или е луд, или лош или брилијантен – и веројатно од сѐ по нешто.

Четириесетте конзервативни пратеници кои бараа оставка, опозицијата која протестира, новинарите кои уште го спомнуваат, лутата јавност… последните денови на Камингс, барем во политичка смисла, не се на повидок. Одбраната му е јака. Не му е гајле. Плус, помалку важно, ама и премиерот не го дава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот