ПИСМА ОД ЛОНДОН: Лох Нес, другиот Нес и талкачот

„Енд нау фор самтинг комплитли диферент“. Или во превод, а сега нешто сосема поинакво. Како што почнуваа епизодите на легендарната британска серија „Монти Пајтон“ (ако не знаете за неа, прогуглајте, прашајте, вреди, макар што не ми се верува дека постојат луѓе кои не знаат за Монти…). Во екот на брегзитот, вниманието на јавноста за миг се сврте кон северот на земјата од каде што дојде возбудливата вест – можно е чудовиштето од Лох Нес, едно од езерата на северот од Шкотска, навистина да постои.

Дека она што за првпат го виде калуѓерот во седмиот век, а потоа го забележуваа со векови и децении и години и, ете, последниве месеци – не е легенда, ами вистина. И повторно се собраа научници и некои тврдеа дека, всушност, се работи за голема јагула, толку голема што на луѓето им личела на некој вид диносаурус. Се крена толку врева што за ова пишуваа не само, како досега, локалните весници, туку и лондонски „Тајмс“, и прекуокеанскиот „Фокс“ и бројни други, а ми се чини дека видов нешто некаде и на кирилица!

Нешто ми мрдна!

Ми се чини дека и јас видов нешто некаде на површината на езерото кога бевме во Шкотска и возевме низ волшебните предели испресечени со мистериозни езера, замоци и високи борови шуми. Толку тој дел таму делува некако далечен, нема индустрија, се чини како да нема ни цивилизација, населението е расеано низ овде-онде во по некоја зафрлена куќарка, што кога конечно стигнавме до Лох Нес (лох значи езеро, а Нес е името на езерото), времето за ручек во единствениот паб/ ресторан беше било поминало.

А ние гладни. Може нешто да добиеме? Може! Што? Па, виски. Ама какво виски, ви се молам, во три часот попладне? Шкотско, се разбира. Може и чипс во кесичка. И ајде ти сега кажи дека повеќе сакаш ирско, брадестиот црвенокос горштак од бармен немаше ни чипсот да ни го даде да го мезуцнеме со јакото, со вкус и мирис на зимски планински чад од горено зимзелено дрво виски, ако ме разбирате што сакам да кажам. Е сега, од вискито ли беше (секако не од чипсот), од остриот чист езерски воздух ли, или од желбата да го видам Неси, комбинирано со мојата прочуена бујна фантазија, нешто како да ми мрдна во разбрануваната вода на езерото Лох Нес. Ене го Неси, викнав и го избезумив мојот сталожен „партнер во сите злосторства“, ене го!

До денешен ден мислам дека навистина „нешто ми мрдна“ тогаш во Шкотска и одвреме-навреме кога ќе се напиеме Талискер (ретко, јак е), со мирисот ми се враќаат и спомените. Плесиосаурус? Голема јагула? Не беше сигурен ниту премиерот Борис Џонсон, кого еден шегобиец од новинар го праша што мисли, дали постои чудовиштето од Лох Нес. „Мечтаам да верувам“, рече Борис. Ама да се мечтае и да се верува, не е едно исто. Тој е, сепак, поубеден во излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија од постоењето на Неси. И верува во она што сака да верува. И нему му има мрднато нешто.

Брзиот лупач на компири

Е, да, така го крстија медиумите тука, вимблдонски талкач, ама талкачот талкаше, талкаше и крадеше, лом правеше. Крадеше десет години по домови, главно, во Вимблдон, во куќи. Имаше исклучително добра тактика талкачот, па и покрај тоа што често беше „фаќан“ од видеокамерите, вешто го криеше лицето. И, беше многу педантен. Ќе влезеше во домот, главно од прозорецот од долниот дел на куќата и сè што ќе мрднеше, ќе вратеше на место! Дури во една прилика кога ја оштети рамката од прозорецот, ја поправи, за да не се забележи дека некој влегол оттаму. Голем број сопственици дури по некое време ќе забележеа дека дома нешто им недостига, главно, брендирана роба, чанти, крзна, накит и пари, па низ Вимблдон масовно се отпушта бебиситерки, шофери, кувари/куварки и домашни помошнички, осомничени дека имале „лепливи прсти“. Некои, пак, сами даваа отказ, не можејќи да ги издржат сомничењата.

Неколкупати за малку ќе беше фатен. Еднаш кога се обиде да влезе во куќата на тенискиот шампион Борис Бекер, а другпат кога францускиот фудбалер Никола Анелка го бркаше по дворот. Изврши 22 кражби во вредност од околу 500.000 фунти, макар што полицијата која десет години се обидуваше и едвај го фати, смета дека има извршено барем десетпати повеќе кражби „вредни“ најмалку пет милиони фунти. Еден од инспекторите се викаше Нес (ама не Елиот), па кога Нес го фати Ал Капоне, нашиот го фати – Астрит. Каква симболика.

Астрит Карпај е од Албанија, има 43 години, жена и две деца, но следните 14 ќе ги помине во затворот на нејзиното Височество. Живееше во околината на Манчестер и патуваше стотици километри да ограбува во Вимблдон. Беше редовно вработен во продавница за пржена риба и компирчиња и кога полицијата отиде да го распраша неговиот газда, овој целиот вчудоневиден рекол – Астрит, ама не е можно, тој беше одличен работник, никој не лупеше толку добро и брзо компири како него!

Сега ќе лупи компири во затвор, ми вели Лори Портер на минатонеделната забава во Вимблдон вилиџ, која ја организираа членовите на Здружението за заштита од криминал во соседството по повод пресудата за Карпај.

Беше масовна и весела. Забавата. Разговаравме и за тоа што полицијата досега не успеала да најде ама баш ниту едно делче од украдениот плен на Астрит. Парите тешко се следат, ама за другото, вели Лори, ме чуди, се надевам убаво провериле во околината на Манчестер. Хм, нешто се мислам, познавајќи го регионалниот менталитет и навиките, речиси можам да се обложам дека некаде низ Албанија членови од семејството Карпај и блиски шетаат наоколу во Прада, Гучи, Шанел, Картие…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот