Пишман Влада

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Не поминаа ниту 12 часа од најавата на Владата дека операциите за промена на полот ќе се прават на сметка на Фондот за здравство, кога министерот Филипче соопшти дека Владата се премисли.

А ваквата реакција следуваше, не поради тоа што така го советувале премиерот шеесетината советници вработени кај него во кабинет, туку поради острите реакции на социјалните мрежи и противењето на ваквиот потег на Владата. Ако нешто барем го советуваа можеби и немаше да истрча со таквата одлука, туку убаво ќе размислеше пред да ја најави.

Но, ова не е првпат Владата така брзо да се предомислува. Токму затоа и во јавноста и го даваат епитетот пишман влада.

Владата ќе го продаваше тоа на М и со парите ќе купуваше амбулантни возила, па после се премисли и не го продаде.

Владата уште во првите денови од владеењето ги повлече економските промотори, арчеле само државни пари за џабе, па, пу пу не важи, ги врати повторно на сцена.

Владата за посетата на Папата Франциск прогласи неработен ден, па после работен, па во 5 до 12 неработен, ама само за јавна администрација.

Премиерот Заев ќе спроведуваше задолжителен референдум за промена на името на државата, па референдумот на крај испадна советодавен.

Заев ќе беше и министер за финансии, било време за економија, па се повлече, немало да биде, но сега ќе биде, но до изборот на нов министер. Хаос невиден!

Пишман потези колку сакаш.

Она што е најинтересно е дека ваквите потези Владата ги влече под притисок на јавноста и коментарите на социјалните мрежи. Тогаш каде е програмата „Живот за сите“, каде се ветувањата на тимот на Заев кои ги даде кога го рушевме режимот со пенкало? Каде се оние кои гласаа за ваквите политики? Или политиките и понатаму ќе ни ги водат фејсбукџиите и твитерџиите.

Разбирам дека Владата сака да е транпарентна и сака да го слуша гласот на народот, но не ја избравме за да се води по коментарите на социјалните мрежи. Ја избравме за да постапува државнички и да влече одлучни потези.

Ако Владата направила проценка и донела одлука операциите за полот да бидат на државна сметка, очекувам дека тоа произлегува од претходни јавни дебати, од проценки и консултации со стручни лица. Нормално е во јавноста да има реакции и критики, но и тоа треба да се земе предвид кога се носи некаква одлука. На народот никогаш не можеш да му бидеш по ќеиф. Секогаш ќе има некој што е против.

Но, да си играш топло ладно со една така ранлива категорија на граѓани како што се транс лицата е надвор од секоја раумна логика. Тие лица и така имаат доволно проблеми во животот, прво се борат сами со себе, па потоа и со семејството и со цело општество. Овие лица и така не се прифатени во нашето конзервативно општество и сè уште се принудени да се кријат. И сега да си играте со нивните чувства, не е во ред. Тоа не доликува на една сериозна Влада.

Пишман политики не ни требаат. Ни треба „Живот за сите“ и „Едно општество за сите“. Но ако вака продолжите, не знам кај ќе ви биде крајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот