Писателот што на Скопје му ја подари најубавата улица не може да има своја улица

Еве, деновиве на дневен ред повторно дојде омилената забава на повеќето градски власти на македонската велепаланка – именување и преименување на улиците! Треба, значи, да се заменат политички неподобните имиња со оние што повеќе им личат на „нашите“, а во меѓупросторот да се уфрлат некои наводно „урбани“ имиња што ќе му одговараат на духот на градот.

Значи, градот Скопје излезе со досега најмасивниот список на нови имиња со кој „ќе се дополни постојниот регистар на скопските улици“, како што вели Петре Шилегов. Во ова „генерално чистење“ на градските улици, закитено со нешто повеќе од 570 старо-нови имиња, повторно настрада оној по кого никогаш не е именувана ниту една улица, а сепак на градот му ја има подарено најубавата улица. Ете, за авторот на повеста „Улица“ (1950), една од најубавите и секако најважните посвети на една скопска улица, значи за Славко Јаневски нема место ниту во овој регистер. Ете, не можеше неговото име да се најде некаде меѓу „Кројач Ангелковски“ и „Лева патика“, на пример. Не можеше авторот на првиот македонски роман, родениот скопјанец Славко Јаневски да застане рамо до рамо покрај, да кажеме, извесниот Дани Калош, за кого во образложението зошто добива улица има само еден збор – „патриот“!

Но, нема да навлегуваме во мотивите за изборот на имињата на ова „дополнување на постојниот регистар“. Ќе влеземе во мотивите за неизборот на името на Јаневски. Долга е историјата на Славко Јаневски и неговата несудена улица, па за потребите на овој текст ќе се обидеме да ја скратиме малку.

На 15 јануари минатата година новинската агенција МИА пренесува соопштение од Град Скопје, во кое се вели дека градоначалникот Петре Шилегов предложил целата 2020 година, по повод стогодишнината од раѓањето, да биде прогласена за „година на Славко Јаневски“. Во соопштението се наброени низа активности (главно нереализирани), меѓу кои и „именување една улица“. Набргу Советот на Град Скопје (29 јануари) носи одлука за прогласување на 2020 година за година на Јаневски, а во одлуката е наведено дека до крајот на годината Градот ќе ги реализира следните активности: изработка на мурал на Славко Јаневски; именување на еден од библиотечните клонови во негова чест; именување на улица; чествување во рамките на Скопско лето; изложба за животот и делото на Славко Јаневски; книжевни разговори со децата од основните училишта; конкурс за уметници „Мојот Јаневски“; како и поддршка за реиздавање на неговите дела. Стогодишнината на Славко Јаневски помина. Помина и 101-тиот роденден (11 јануари). Колку од овие активности се реализирани, останува читателот сам да процени.

На реакциите по социјалните мрежи зошто го нема името на Славко Јаневски, луѓето од Градот објаснуваа дека станува збор за „Листа за дополнување на Листата на имиња на улици…“, односно дека постои некаква претходна листа, на која наводно стои и името на Славко Јаневски. Прашањата каде што може да се види таа „претходна“ листа, кога е усвоена, колку имиња има на неа… останаа неодговорени.

За волја на вистината, медиумите во јуни минатата година споменуваа листа на имиња на улици, па можеа да се прочитаа наслови од типот: „Есма, Живко Поповски, Славко Јаневски, Ѓорѓи Колозов и Буштур ќе добијат улици во Скопје“. Меѓутоа, овие и сите други имиња што се споменуваа во овие текстови го најдоа своето место во „Листата за дополнување на листата…“, освен – Славко Јаневски!

По неколкучасовно „роварење“ по интернетот во потрага по фантомската листа, успеавме да „откриеме“ една одлука на Град Скопје, датирана од март 2012 година (!), на која, меѓу 290 имиња, се наоѓа и името на Славко Јаневски. Набргу потоа Јаневски страда во онаа несреќна лустрација, па веројатно затоа никому од тогашните власти повеќе не му паѓа на памет да именува улица по него.

На моето директно прашање до Град Скопје, дали е тоа таа фамозна листа, односно дали градоначалникот Шилегов под терминот „постоечки регистар“ мисли на неа, ми беше потврдно одговорено. Само за информација, на таа листа се наоѓаат имиња како Иван (Ванчо) Михајлов, Андон Ќосето и слични, а меѓу другите се и имињата на Филип II, Петре Пирузе и Тодор Александров, односно имиња на веќе постоечки улици што со „дополнувањето на постоечкиот регистар“ се менуваат со претходните имиња.

Но, еве да прифатиме дека одлуката на Советот на Град Скопје од 2012 година е важечка и актуелна, односно дека власта на СДСМ го продолжува континуитетот на власта на ВМРО-ДПМНЕ, значи ли тоа дека навистина постои можност да се именува улица според Андон Ќосето, човекот чиј споменик го тргна токму сегашната владејачка гарнитура? Или според Ванчо Михајлов? Но, да го задржиме принципот да не ѝ се мешаме на власта во критериумите како и зошто ги одбрала имињата за именување на улиците. Сепак, и тоа како нѐ интересира зошто токму оваа одлука е „континуитетот“ со владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога веќе сите поважни одлуки беа подложни на ревизија (меѓу кои и имињата на актуелните улици што ги стави токму власта на ВМРО-ДПМНЕ)? Или можеби, во недостиг на рационално објаснување, станува збор за евтино алиби на актуелната власт?

Ова „дополнување на постоечкиот регистар“ е наводно направено според масовна главно онлајн анкета меѓу граѓаните, направена 2019 година, и дека речиси сите предлози се усвоени. Освен, предлогот за Славко Јаневски! Во тоа време, како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“ лично бев информиран дека релативно голем број луѓе го предложиле неговото име и дека се наоѓа на врвот на списокот.

Лично не сум премногу засегнат со имињата на улиците, ниту пак некогаш ми значеле нешто. Се разбира дека од овој волунтаризам на власта не се засегнати ниту ликот и делото на Славко Јаневски. Авторот на првата подолга проза на македонскиот кодифициран јазик, на првата урбана литература, токму повеста за растењето во една скопска улица, е поголем од било кој булевар во големата паланка наречена Скопје. И следниот пат кога ќе се жестите за негирањето на јазикот, за одземањето на идентитетот, за ирационалните политики на соседните држави…, сетете се на ова: писателот што на Скопје му ја подари најубавата улица, не може да има своја улица.

 

(Авторот е извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот