Писателот Игор Штикс ќе одржи предавање за активистичката литература

Во КСП „Центар-Јадро“ на 5 октомври (среда), во 16 часот, писателот и теоретичар Игор Штикс од Хрватска ќе одржи предавање на темата активистичка литература. Настанот е продуциран во соработка со книжевниот центар „Антолог“ и е во склоп на осмото издание на фестивалот „Букстар“ (Bookstar), што се одржува од 3 до 5 октомври во Скопје.

На самиот почеток од романот „W“ на Игор Штикс, читателот ќе најде цитат од Жан-Пол Сартр: „Може ли комунист да напише роман? Не сум убеден во тоа: имено, тој нема право да стане соучесник на – своите ликови“. На ова предавање авторот ќе зборува за комплицираниот, комплексен и ризичен однос помеѓу уметникот и општествениот и политички ангажман, тргнувајќи пред сè од сопственото искуство.

Игор Штикс е роден во Сараево, во 1977 година. Живеел во Загреб, Париз, Чикаго, Единбург и во Белград. Докторирал на Institut d’Études Politiques de Paris и на Northwestern University, а подоцна работел и предавал во Универзитетот во Единбург, на универзитетите во Грац, Љубљана, Сараево, како и на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград.

Заедно со Џо Шоу ги уредиле збирките „Citizenship after Yugoslavia“ (2013) и „Citizenship Rights“ (2013), а со Среќко Хорват, „Welcome to the Desert of Post-Socialism: Radical Politics after Yugoslavia“ (2015). Со Владимир Арсенијевиќ ја уредува едицијата „Заедничка читална“.

Во Југословенско драмско позориште, претставата „Столот на Елијах“, во режија на Борис Лијешевиќ, освоила Гран-при на БИТЕФ во 2011 година. Со својата прва драма „Брашно во вените“ (2016), освоил неколку регионални награди за најдобар текст, додека неговата драма „Зрењанин“ е изведена премиерно во Народниот театар во Зрењанин.

Пишува проза, книжевна критика и есеи, за кои ги има добиено највисоките признанија. Неговите дела се преведени на 15 јазици. За своите книжевни и интелектуални достигнувања доделено му е престижното француско одликување „Витез на уметноста и книжевноста“. Во 2017 година Штикс ја потпишал петицијата за заеднички јазик меѓу Хрватите, Србите, Босанците и Црногорците.

Предавањето ќе се одржи на англиски и хрватски јазик, а модератор е Ѓорги Пулевски. Настанот се реализира во соработка со „Aнтолог“, а со поддршка на книжевната мрежа „Традуки“, Министерството за култура и Градот Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот