Пирова победа на кошаркарите, Естонија ќе игра на Евробаскет

фото: fiba.basketball

Кошаркарската репрезентација на Македонија не успеа да обезбеди пласман на Европското првенство 2022 година откако во одлучувачкиот натпревар на квалификацискиот турнир во Перм, ја совлада Естонија со 86:84.
На избраниците на селекторот Александар Тодоров потребна им беше победа од девет или повеќе поени, но не успеаја во намерата и веќе шеста година не успеваат да обезбедат пласман на Евробаскетот. Последното учество на Македонија на ЕП беше во 2015 година.

Почетокот на натпреварот беше речиси идентичен како тој против Италија, слабата реализација во нападот и лошата игра во одбраната на македонските кошаркари ги казнуваше противникот. Првата четвртина заврши со негатива од девет поени (18:27), а лошата игра продолжи и во втората четвртина кога Естонија со поените на Стен Сок за прв пат дојде до двоцифрена предност (34:24). На одмор се замина со 11 поени предност за Естонија (38:49).

Стартот на второто полувреме започна со три поени на Естонија за водство од 38:52, но од тие моменти, „црвено-жолтите“заиграа далеку подобро и возвратија со серија од 8:0 со поените на Џејкоб Вајли (пет поени) и Дамјан Стојановски (три поени) со која ја вратија резултатската неизвесност (52:46). Со тројката на Димитријевиќ, Македонија дојде до минус четири (53:57) во 35. минута, но следеше одговор на Естонците кои постигнаа пет поени во серија за 53:62.

фото: fiba.basketball

Во последната четвртина, кошаркарите во финишот успеаја да ја анулираат негативата и во последната минута влегоа со негатива од 81:82. Бидејќи ни беше потребна победа од девет или повеќе поени, во последните напади при 83:84, избраниците на Тодоров се обидоа дојдат до продолжение од пет минути за да ги задржат шансите за триумф поголем од девет поени. Димитријевиќ не успеа во намерата, по што на десет секунди до крајот, Росентал намерно ги промаши двете слободни фрлања, по што повторно бекот на Хувентуд при обидот да изнуди прекршок од Естонците шутна за три поени и погоди. На крајот Македонија славеше со 86:84, но тоа беше недоволно за пласман на Евробаскетот 2022 година.
Ненад Димитријевиќ со 23 поени беше најпрецизен во нашата репрезентација, а одлична партија прикажаа о Бојан Трајковски со 21 поен и Џејкоб Вајли со дабл-дабл од 18 поени и 14 скокови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот