Пирова победа на Е. Пелистер, Вардарци ја ставија раката на шампионскиот трофеј
Во големото ракометно дерби, Еурофарм Пелистер со 29:25 го совлада Вардар, но „црвено-црните“ се во пол позиција за освојување на шампионската титула. Сега на Вардар му се потребни победи во последните четири кола за да дојде до титулата.
Победата на Вардар во првата пресметка од осум гола (35:27) се покажа како недостижна за пелистерци кои на дербито не можеа да сметаат на својот најдобар стрелец Стипе Мандалиниќ како и на одличниот Мараш, но сепак успеаја да дојдат со првиот триумф против „црвено-црните“ сезонава во официјалните натпревари. Претходно, Вардар покрај победата во првиот натпревар во Скопје, минатата недела славеше над Е. Пелистер и во финалето на Купот.
Битолчани подобро го отворија натпреварот и благодарение на одличниот Хендави, дојде до водство од 4:2 по што следеше период на игра во кој разликата беше еден или два гола за Е. Пелистер. Битолчани до првото водство од три гола (10:7) со голот на Велковски, но Вардар одговори со два брзи гола и веднаш намали на 10:9. До крајот на првиот дел и двете екипи имаа мини серии, по што на одмор се замина со минимално водство на домаќините од 13:12.
Во второто полувреме, подобар старт имаше Вардар кој даде два гола за водство од 13:14.
Но, од 40. минута домаќините повторно го вратија водството за во 46 минута по серијата 6:0 да дојдат и до плус четири (22:18). Потоа предноста се зголеми и на 24:19 но битолчани немаа сили за целосен пресврт, односно вардарци не дозволија да се загрози нивната победа од осум гола од првиот натпревар.
Најдобри во тимот на Е. Пелистер беа Радовиќ и Периќ со по седум постигнати голови, додека кај Вардар најпрецизен беше Дибиров со шест гола.
По дербито и двете екипи се израмнети на табелата, но Вардар е во пол позиција поради подобриот скор во меѓусебните дуели и во последните четири кола потребни му се четири победи за да ја освои титулата.
Претходно, екипата на Металурт со 34:31 како гостин го совлада вториот тим на Е. Пелистер и остана на четвртото место на табелета.