Пик на новиот бран на коронавирусот, продолжен распустот на учениците

Луѓе и лекари пред инфективна амбуланта на клиника - корона пандемија / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Од почетокот на новата година во државава се зголемува бројот на новозараени со ковид-19, а во последните денови се пријавуваат и по над илјада новозаразени. Активни се 16397 случаи. Во ваква епидемиолошка состојба Владата синоќа по препорака од Главниот координативен кризен штаб  за справување со пандемијата одлучи второто полугодите од учебната година да продолжи од 1 февруари.

Според заклучокот на Главниот кризен координативен штаб, во моментот епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради што препорача да се одложи учебната година до 1 февруари  со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот.
Од Владата најавија дека Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни како што е предвидено во календарот за наставната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови.
Како дел од одлуката за одложување на стартот на второто полугодие на учебната година се и задолженијата и укажувањата за министерствата за здравство и за образование и наука, Секторот за односи со јавност во Владата, Јавното претпријатие МРТ да упатуваат апели до учениците и родителите максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено.

На вечерашната прва конститутивна владина седница, беше продолжено работењето на ГККШ за менаџирање со справувањето со последиците од пандемијата со ковид-19 со претставници на Владата и на институциите кои и досега беа вклучени во неговата  работа.

Според податоците што ги објави вчера Министерството за здравство во претходното деноноќие се регистрирани 766 нови случаи на ковид-19 од направени 3.748 тестови, 12 починати лица, како и 486 оздравени. Од вкупниот број позитивни, регистрирани се и 86 реинфекции.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата во државава достигна 245 398, бројот на оздравени пациенти е 220 886, а на починати е 8 115. Во Скопје има 8788 активни ковид случаи, по што следи Битола со 1461, Прилеп – 884, Куманово – 603, Охрид – 581, Кавадарци – 413, Струмица – 338 активни случаи. Во другите градови има под 300 заразени, а во Дојран има само седум активни случаи.

Поради влошената епидемиолошка  ситуација во Република Бугарија и во Европа, согласно најновата одлука на бугарското Министерство за здравство, за од утре има изменет режимот за влез и за државјаните на  Северна Македонија. Се ограничува влезот за сите неесенцијални патувања во земјата (во исклучоците спаѓаат медицински лица, хуманитарни работници, студенти, лица со регулиран престој, делегации и слично).

Министерството за надворешни работи информираше дека е во постојана комуникација со надлежни институции во  Бугарија и со колегите во бугарското Министерството за надворешни работи, со цел замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји.

– До стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во Република Бугарија и за таканаречените неесенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, наведува МНР.

Според МНР, во кој било случај, условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети – и тие ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез. За лица кои не ги почитуваат опишаните правила, следува десетдневен карантин.

– Ги предупредуваме граѓаните кои планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи за да не се доведат во ситуација да бидат вратени од пограничните власти во Бугарија, нагласува МНР.

Повеќето од државите од регионот и светот почнаа со воведување позаострени мерки за заштита од проширување на коронавирусот во пресрет на празниците.

Невакцинираните граѓани во Грција кои се над 60-годишна возраст и досега не примиле барем една доза од вакцината ќе бидат казнети со парична казна од 50 евра за јануари и по 100 евра за секој нареден месец, со оглед на тоа дека од вчера стапи во сила одлуката за задолжителна вакцинација на конкретната старосна група, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерката беше соопштена на крајот на ноември, неколку дена подоцна конкретниот амандман го изгласаа пратениците во грчкиот Парламент, а предвидува дека „од неопходни причини за заштита на јавното здравје, задолжително се вакцинираат против Ковид-19 сите физички лица со живеалиште или постојан престој на грчка територија, а кои се родени пред 31 декември 1961 година”.

За јануари, казната ќе биде 50 евра, со оглед на тоа дека е за половина месец, а за секој нареден, административна глоба е 100 евра.

Од задолжителната вакцинација ослободени се оние кои прележале ковид-19 во последните 180 дена, оние кои се вакцинирале во странство, како и оние кои имаат докажани здравствени причини кои ги спречуваат да се вакцинираат.

Од конкретната старосна група, вакцинирани се девет од десет граѓани, а невакцинирани, според грчките медиуми, се над 300.000 лица.

Европската унија вчера одлучи дека Аргентина, Австралија и Канада треба да бидат отстранети од списокот на земји за кои рестрикциите за патување треба постепено да се укинат поради ковид-19.

Европската унија, врз основа на епидемиолошките податоци, двапати месечно го ревидира списокот на земји за кои треба да се воведат или укинат рестрикции за влез.

Според последните податоци, Унијата дојде до заклучок дека овие три земји треба да бидат отстранети кога станува збор за патувања кои не се неопходни. Сепак, граѓаните на овие земји кои се целосно вакцинирани можат да бидат изземени од ова правило, потсетува Советот на ЕУ.

Од вчера земјите на ЕУ имаат зелено светло за постепено укинување на рестрикциите за патување за следните држави: Бахреин, Чиле, Колумбија, Индонезија, Кувајт, Нов Зеланд, Перу, Катар, Руанда, Саудиска Арабија, Јужна Кореа, Арапски Емирати, Уругвај, како и за ентитетите Макао, Хонгконг и Тајван. Што се однесува до Кина ограничувањата се предмет на реципроцитет. 

Националното собрание на Франција, пак, го усвои предлог-законот со кој се воведува пропусница за вакцинација. Текстот беше усвоен во текот на ноќта со 215 гласа „за”, 58 „против” и 7 воздржани. Опозицијата од левицата планира  две различни жалби до Уставниот совет за некои одредби од законот, кои ќе го одложат објавувањето за неколку дена, јави дописникот на МИА од Париз.

Два различни апела до Уставниот совет, вклучително и еден од Бунтовна Франција, се планирани од левицата, за да се гарантира почитување на „фундаменталните слободи”, што ќе го одложи објавувањето за неколку дена. За овој дванаесетти здравствен текст за две години првично беше предвидена само една недела расправа во Парламентот, за негово стапување на сила од 15 јануари. Времето се удвои, со многу контроверзии и повторени пресврти, кои кулминираа со изјавите на Емануел Макрон, кој одлучи да им „пречи” на невакцинираните.

Новата пропусница ќе важи само за лица над 16-годишна возраст. Малолетните лица на возраст од 12 до 15 години ќе останат под обврска да ја приложат тековната здравствена пропусница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот