Петте решенија на Љубчо ќе направат „500 проблеми“

Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски викендов на Фејсбук објави скандалозни предлози дека проблемот со Бугарија може да се реши, меѓу другото, со признание дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, нова комисија да го расветли прогонот на македонски граѓани со бугарска свест, без многу детали да се објави дека Гоце Делчев, Глигор Прличев и други историски личности и датуми ќе се слават заеднички итн.

Неговата објава предизвика бура од реакции. Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски побара експремиерот да го врати македонското државјанство и Обвинителството да отвори истрага против него, а ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот преку него пуштил „пробен балон“.

Георгиевски оценува дека македонско-бугарските односи се движат кон „нова ескалација на сите нивоа“ и затоа имал пет предлози за решение, меѓу кои и „Северна Македонија да даде гаранција дека нема никакава аспирација за Источна Македонија“.

– С. Македонија да даде гаранција дека со ништо нема да ги помага и подржува организациите кои бараат македонско малцинство во Бугарија. Бугарскиот парламент да донесе декларација дека под поимот македонска нација и јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани по 1944 година и дека Бугарија со ништо не ги прифака тезите за кои смета дека се фалсификат. Македонската историографија да ги коригира и да ги даде вистинските имиња на институциите, на пример Народна Федеративна Партија? Да ги потполни важните биографски моменти на важни личности. Фактот дека Гоце, Даме, Ѓорче и стотици други биле учители на бугарската егзархија не е мала работа која ја криеме…“ предлага, меѓу другото, Георгиевски.

Проблемот со јазикот според него треба да се затвори, така што „македонската страна ќе признае дека целата македонска преродба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, но врз база на македонските дијалекти, а бугарската интелигенција поради кратковидост кодифицирала јазик само врз база на северозападните дијалекти, со што го отвориле патот на македонскиот јазичен сепаратизам“, како и дека „официлно писмо и јазик на сите македонски организации во османлискиот период биле бугарскиот јазик и писмо“.

Градоначалникот Димитриевски побара извинување и го оцени предлогот како срамен и понижувачки, со ставови кои директно ги разнебитуваат македонските корени и ги поткопуваат столбовите на постоењето на македонската држава, историја, јазик, идентитет и култура.

„Го повикувам јавното обвинителство екс официо да отвори случај, да спроведе истрага и доколку утврди одговорност за ваквиот предлог кој е противуставен да поднесе кривична пријава за дело против државата и поткопување и уривање на уставниот поредок,“ напиша Димитриевски.

„Нашите ставови се различни од изнесените ставови на господниот Георгиевски. СДСМ останува на своите јасни и веќе кажани ставови околу ова прашање. Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение меѓутоа повторувам уште еднаш македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Нити се разговарало, нити во иднина ќе се разговара на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со којшто ние апсолутно немаме никакви допирни точки,“ се огради пратеничката Марија Георгиевска од владејачката СДСМ од ставовите на коалицискиот партнер.

Академик Катица Ќулавкова по овој предлог напиша дека „бившите премиери кои го бранат бугарскиот културен и државен хегемонизам се срам и зло не само за Македонците, туку и за целиот цивилизиран свет“.

Османи:  Не може да се очекува спектакуларен резултат

„И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики“, соопшти МНР по дводневната онлајн-средба на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања.

– Мислам дека засега прашањата за кои разговараме се јасни. Нашата интенција е дека треба да се вратиме на начелата и инструментите од Договорот. Сè повеќе од бугарска страна се потврдува таа интенција дека само Договорот е решението, а тој има јасни насоки кои се разликите и како треба да се надминат. Отворање на дополнителни прашања не е во интерес ниту на двете страни, ниту на процесот – рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вели дека не може да се очекува спектакуларен резултат. Иако продолжува усогласувањето на Акцискиот план за спроведување на Договорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот