Петровска: За да може да биде конфискуван нелегално стекнатиот имот, треба да постои кривична осуда

Предлог текстот на законот за верификација на имотот на јавните службеници е во фаза на проучување. Слободен печат од владини извори дознава дека работна група работи во споредување со практиките од регионот. Предлог законот има за цел да го провери изворот на богатство за избраните и именуваните функционери. Пратеничките групи се уште не се известени за предлог законот и не сакаат да го коментираат додека Владата не го достави текстот за усогласување.

Натали Петровска извршна директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“ во изјава за Слободен печат вели дека кај нас и сега има служби што можат да вршат проверка на имотот врз основа на даночната и кривичната регулатива, меѓутоа главниот постоечки проблем кој го имаме е што за да може да биде конфискуван нелегално стекнатиот имот, треба да постои кривична осуда.

– Ваквиот Закон за потекло на имот би го олеснил конфискувањето на имотот, бидејќи нема да биде потребно да постои кривична осуда и поврзаност на имотот со кривично дело. Со тоа би се олеснил товарот на докажување од страна на државата, но би се префрлил врз лицето над чиј имот се врши проверката. Предноста на таквото постапување е секако поголемата контрола над нелегалното збогатување и намалување на капиталот на криминалните групи кои успеваат да го прикријат имотот или да ги исперат нелегалните пари. Недостатокот е врзан со самата природа на ваквото постапување бидејќи истиот го префрла товарот на докажување врз лицето чиј имот се проверува, што во пракса може да биде злоупотребено, па дури и во целосна спротивност на чл. 1 од протокол 1 на ЕКЧП. Ова може да биде проблематично особено во земји како нашата каде голем дел од граѓаните не ги поседуваат соодветните документи како би докажале дека легално располагаат со соодветниот имот – вели Петровска за Слободен печат.

Во насока на ова, додава таа, битно е да се напомене дека конфискацијата во кривичните постапки е исклучително малку искористена што укажува на тоа дека самата држава преку јавните обвинители, финансиската полиција и сите останати институции не може соодветно да го лоцира текот на парите.

– Оттука, законот сам по себе нема да биде ниту проблем ниту решение на проблемите, туку она што ќе биде важно е начинот на кој тој ќе ги реши овие прашања, како и начинот на кој истиот ќе може соодветно да се применува во пракса – нагласува таа.

Видео на денот