Петровска: Во Коњари концесионерот копал надвор од концесискиот простор

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Геогетскиот елаборат за ископот на песок и чакал кај село Горно и Средно Коњари покажал дека концесионерот копал надвор од концесиското поле, а добиено е и експертско мислење дека водата што ги исполнува ископите е поврзана со подземните води, рече на денешната прес-конференција директорката на Државниот инспекторат, Ана Петровска. Таа појасни дека, според концесискиот договор, експлоатацијата треба да се врши надвор од крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на 50-годишната вода на реката и, доколку во текот на експлоатација на песокот се случи излевање на подземните води, веднаш да се престане копањето и да се известат надлежните.

– Сите собрани наоди Инспекторатот ќе ги достави на Министерството за економија кое дало концесиска дозвола, кај Министерството за животна средина кое издало дозволи за експлоатација, како и кај Антикорупциска Комисија, да видиме дали ќе биде одземена концесијата, рече директорката на ДИЖС.

Петровска информираше дека при изработка на геодетскиот елаборат за ископот на песок од Пчиња кај Средно Коњари, мерењата биле попречувани од страна на концесионерот и морале да се извршат со полициска асистенција. Жителите на овие две села покрај Пчиња веќе неколку години апелираат државата да го натера концесионерот, Прогрес Компани, да запре со прекумерното и незаконско копање на нивите крај реката бидејќи тоа им го намалува нивото на водата во бунарите од кои ги задоволуваат своите потреби за вода.

Осврнувајќи се на неколкуте актуелни случаи кои изминативе месеци ги расчистуваше Државниот инспекторат, Петровска нагласи дека мерките на Инспекторатот даваат резултати, па така, освен расчистувањето на случајот во Коњари, по интервенцијата на ДИЖС се вградени филтри во Пејпер Мил во Кочани, како и во асфалтната база Кооп Иженеринг во Куманово. Со новите филтри и со прилагодувањата кои се направени од страна на Пејпер Мил, би требало вредностите на загадувачките материи од оџакот на фабриката да бидат трипати помали од досегашните, односно од 150 милиграми на метар кубен, да станат 50, а со тоа ќе треба од Министерството за животна средина да им биде издадена и нова А интегрирана еколошка дозвола. Филтер е вграден и на асфалтната база на Кооп Инженеринг во Куманово, кое пред три недели од Државниот Инспекторат за животна средина доби забрана за работа додека не постави филтер на испустот на оџакот кој ја загадуваше околината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот