Петровска порача дека е задоволство да се биде помеѓу кавадарчани на приказот на воени возила и опрема

Петревска- Агелер/Фото: МИА

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Северна Македонија Анџела Агелер, денеска заедно со граѓаните присуствуваа на Отворениот ден во Кавадарци, кој се организира во рамките на вежбата „Брз одговор 23″.

„Целта на оваа вежба е да се покаже заедништвото, сојузништвото и подготвеноста на армиите кои учествуваат, за меѓусебна соработка меѓутоа и за совладување на било какви предизвици кои може да се појават во иднина. Задоволство е да бидеме домаќини на повеќе сојузници од НАТО алијансата, и една партнерска земја – Косово, со коишто навистина ја извежбуваме оваа заедничка активност и ја покажуваме силата на сојузништвото”, рече министерката на отворениот ден.

 Петровска порача дека е задоволство да се биде помеѓу кавадарчани на овој отворен ден и ѝ се заблагодари на амбасадорката Агелер за континуираната американска поддршка во развојот на Армијата.

„Задоволство е денес да се биде во Кавадарци помеѓу кавадарчани со дел од опремата која се користи за изведување на вежбата „Брз одговор 23″, а воедно и се заблагодарувам на амбасадорката Агелер за одличната и несебична поддршка која ја дава на Северна Македонија”, рече министерката Петровска.

 Амбасадорката Агелер истакна дека токму фактот дека припадниците на копнените сили на САД за Европа и Африка како и припадниците на Националната гарда на Минесота, извежбуваат рамо до рамо со припадниците на Армијата на Република Северна Македонија го покажува партнерството помеѓу САД и Северна Македонија.

„Овие 30 години партнерство, навистина сметам дека треба и вас да ве направат горди, треба да сте горди на земјата, на војниците, треба да сте горди на самите себе и на вашите сили. Ви благодарам многу за поддршката којашто ја давате заедно со сите НАТО сојузници на Украина, и во исто време би сакала да истакнам дека треба да сте горди на важната улога која Северна Македонија ја има во овој регион”, рече амбасадорката Агелер.

 На отворениот ден граѓаните можеа одблиску да се запознаат со возилата и опремата која е дел од вежбата, вклучувајќи го и роботизираното софистицирано возило т.н. PROJECT ORIGIN, кое е во пробна употреба и претставува платформа за тестирање и демонстрација на нови технологии на Армијата на САД.

 Вежбата „Брз одговор 23″ („Immediate Response 23″) која започна на 22 мај е најголемата вежба во Северна Македонија оваа година со учество на Армии на 4 НАТО земји и една партнерска земја: Северна Македонија, Соединетите Американски Држави (Националната гарда на Минесота), Албанија, Црна Гора и како земја партнер на НАТО Косово, со вкупно 1.850 учесници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот