Петровска од Државниот инспекторат: Ќе го мериме биолошкиот минимум во реките, ќе има надзор над малите хидроцентрали!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Сите 94 мали хидроелектрани во земјава во иднина ќе бидат под детален надзор, а подготвуваме и нова процедура со која ќе го мериме биолошкиот минимум во реките на местата каде се изградени тие хидроелектрани што досега не е правено, па и кога излегувал инспектор на терен тој не можел да утврди дали се почитува биолошкиот минимум туку само да се констатира дали има или нема испуст на вода низ таканаречената рибја патека.

Ова го соопшти  Ана Петровска, директорка на Државниот Инспекторат за животна средина на денешната прес конференција на која беше промовиран граѓански инспекциски совет како советодавно тело на Инспекторатот за подобро следење на постапките против загадувачите на животната средина.

Петровска најави и дека проблемите со водоснабдувањето во Тетово и овој проблем во наредниот период ќе биде во фокусот на вниманието на Инспекторатот поради веројатноста тие да се предизвикани од градежните работи врз изградбата на мала хидроцентрала на Лешница во непосредна близина на самиот извор на водоснабдување за градот Тетово.

„Имавме еден инспекциски надзор во кој беше утврдено дека Општина Тетово нема утврдено санитарна зона која би го заштитила изворот на водоснабдување на Тетово од можни загадувања, во кои спаѓаат и можни загадувања од градежните активности од изградбата на мали хидроелектрани на Лешница, одговори Петровска на прашањето на „Слободен печат“ дали ДИЖС ќе постапува во случајот на прекините на водоснабдување со кои во неколку наврати се соочуваше тетовската општина, кога лизгање на земјиште ги уништуваше главните доводи на водоснабдување од лешничкиот извор на Шар Планина.

„Во моментов таму нема градежни активности, тече рокот даден на Општината за спроведување на одлуката за санитарна заштита и ако во тој рок не се постапи по нашите наредби ќе почнеме постапка против тетовската локална самоуправа“, рече Петровска.

Државниот инспекторат за животна средина има само двајца водостопански инспектори кои изминативе неколку недели беа преокупирани со случаите со ископите на песок и чакал и регулацијата на речните корита, а во нивна надлежност е инспектирање на буквално сите реки и езера во државата. Директорката најави дека побарала да им биде одобрено вработување на уште двајца водостопански инспектори.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот