Петровска кај Заков во Софија – Градиме силно сојузништво, Балканот да не биде повеќе буре барут на Европа
Соработката во одбраната меѓу двете земји треба да продолжи бидејќи бидејќи споделуваме заеднички вредности, судбина, историја и иднина, рече бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков.
Министерот за одбрана на Република Бугарија со највисоки државни и воени почести ја пречека во Софија македонската колешка Славјанка Петровска која положи и венец пред Споменикот на незнајниот јунак.
Во фокусот на разговорите на двајцата министри е билатералната соработка, актуелната воена криза во Украина како и проширувањето на НАТО со Финска и Шведска. Двајцата министри не одговараа на новинарски прашања туку само дадоа изјави по средбата.
-Градиме силно сојузништво, ја зацвртуваме регионалната безбедност и во суштина така ја создаваме нашата иднина. Всушност тоа и треба на Европа денес која со руската агресија врз Украина влезе во нова безбедносна реалност која ја наложува потребата од целосна интеграција и заедништво. Членството на РСМ во НАТО беше одлука која денес во изменетата безбедносна архитектура се покажа како визионерска и историска и беше поддржана од сите земји членки на НАТО и се разбира од Република Бугарија. Денес Северна Македонија придонесува за стабилноста и безбедноста, а Бугарија на западната граница има сосед кој и е сојузник и сосед со кој заедно ја градат колективната безбедност. Кога сте НАТО не сте сами, кога сме во сојуз работиме едни за други, заедно се развиваме и стануваме посилни, заклучи министерката Петровска откако претходно ги нагласи точките на соработка со Бугарија во областа на одбраната.
Станува збор за едукација на воените лекари од Македонија во поморската школа во Варна и на Воено-медицинската академија во Софија. Офицери од Армијата на Република Северна Македонија ќе бидат испратени на Воената академија во Софија. Бугарските војници беа дел од вежбите во Македонија во 2019-2020 година и Петровска упати и покана за заедничка вежба во РСМ во Армискиот тренинг центар Криволак.
-Бугарија е подготвена да ја зајакне билатералната соработка во областа на одбраната, бидејќи споделуваме заеднички вредности, судбина, историја и иднина, рече бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков и додаде дека разговарале и за повеќе други прашања, како што е начинот на кој може да работат на бугарските воени гробишта.
Двајцата министри се едногласни дека поради војната во Украина постојат сериозни ризици за земјите од Западен Балкан и како членки на НАТО мора да направат се` што е потребно за да спречат војната да се прошири надвор од границите на Украина.
-Овој состанок е одличен знак дека како членки на НАТО Бугарија и РСМ имаат исклучително важна улога во регионот за одржување на стабилноста и безбедноста. Пред нас и идните генерации имаме многу важна задача – никогаш повеќе Балканот, а особено Западен Балкан, да не се споменува како буре барут на Европа. Одговорност на двете страни е да се погрижат тоа да продолжи да биде случај и во иднина – Балканот никогаш да не биде извор на тензии и воени конфликти во Европа, изјави бугарскиот министер за одбрана Драгомир Заков.
Петровска рече дека Северна Македонија ја поддржува кандидатурата на Финска и Шведска за НАТО.
-По 24 февруари ништо не е исто. Руската агресија врз Украина докажа дека нема траен мир. Новата геополитичка архитектура на континентот бара кохезија и заедничка работа и колективната безбедност, нагласи министерката.
-Посетата на Петровска е продолжение на контактите на високо ниво започнати претходно оваа година во обид за нормализирање на односите меѓу двете земји во контекст на европската интеграција на Република Северна Македонија, на која прво вето стави Франција, а потоа и Бугарија во 2020 година, коментираат бугарските медиуми.
Министерката Петровска и воената делегација од РСМ подоцна ќе имаат средба и со раководството на Комисијата за одбрана во бугарското Народно собрание.