Петровска: Евроинтеграциите се движечка сила за Западен Балкан

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Кремс, Австрија, учествуваше на министерскиот состанок на Централноевропската одбранбена соработка и земјите од Западниот Балкан, на кој стана збор за европската перспектива на земјите од регионот.

Овие времиња на предизвици претставуваат и една уникатна можност за сите нас да ја засилиме безбедносната соработка и да го интензивираме меѓусебниот дијалог. Ова се времиња во кои мораме да бидеме посветени на брза и ефикасна евроинтеграција на целиот Западен Балкан, рече министерката Петровска.

Регионот, потенцира таа, припаѓа на Европа и на Европската Унија, а нашите земји, особено Северна Македонија, покажаа дека се посветени на европските принципи и вредности. Пристапниот процес мора да биде кредибилен, зашто, како што нагласи, европската интеграција е најсилната мотивација за развој и е најдобрата идеја која го поврзува регионот.

Северна Македонија докажа дека активно придонесува кон развојот на стабилноста, добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа, особено имајќи ја предвид нашата култура на дијалог и нашата способност за изнаоѓање решенија и за тешки билатерални прашања. Одлуките што ги донесовме беа тешки, но тие дадоа надеж за целиот регион и поставија пример за тоа како можат да се најдат решенија и за најсензитивните прашања на Балканот, рече Петровска.

Во контекст на Централноевропската одбранбена соработка, министерката за одбрана порача дека земјите – членки се исклучително значајни во поддршката на пристапниот процес, особено во градењето на капацитети за борба против корупцијата и организираниот криминал, работењето согласно принципите за добро владеење и функционирањето на правната држава.

Западниот Балкан нема време за уште еден изгубен моментум во процесот на евроинтеграција. Унијата мора да биде прагматична, да овозможи полесен пристап до инвестиционите проекти, а особено во градењето на демократски институции и општества. Северна Македонија е цврсто посветена на веќе започнатиот скрининг-процес зашто за нас интеграцијата во Унијата е најсилниот импулс за демократија, просперитет и безбедност за сите наши граѓани, нагласи министерката за одбрана.

Централноевропската одбранбена соработка е формирана во 2010 година, а нејзини членки се седум држави: Австрија, Чешка, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Полска како земја – набљудувач. Северна Македонија активно соработува со оваа иницијатива од 2016 година, а главната цел е зајакнување на регионалната безбедност и споделување на одбранбените способности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот