Петровска: Дигитализацијата на судските услуги го олеснува пристапот на граѓаните до определени услуги

За поздравување е заложбата за имплементирање на стратегијата за дигитализација на судството и судски услуги, бидејќи во некоја мера би подразбирало олеснување на пристапот на граѓаните до определени услуги кои произлегуваат од овие институции, вели во изјава за “Слободен печат”, Натали Петровска, адвокат и прв човек на Коалиција “Сите за правично судење”.

– Со ваквото осовременување би се поедноставил начинот на кој, на пример, граѓаните би се здобиле со документи и уверенија кои ги издава судот, а при тоа, од финансиски аспект ова би претпоставило и значително олеснување во остварување на нивните права и пристап до услуги.  Меѓутоа, кога станува збор за онлајн судења, потребен е исклучително внимателен и темелен пристап и претходно спроведени суштински анализи на кои би се темелеле овие промени кои се иницираат. Имено, неколку принципи, како на пример адверсаријалноста односно ефективното учество на странките во постапките, како и јавноста и усноста на судските расправи мораат да бидат целосно испочитувани, поради што мора да се пристапи со особено внимание кон употребата на интернетот и компјутерската технологија со цел истите да не придонесат кон нарушување на некој од овие принципи – вели Петровска.

Таа истакна дека за успешна дигитализација е потребно да постојат соодветни материјално технички услови, како и доволен број на човечки ресурси кои ќе бидат соодветно обучени за користење на оваа технологија.

-Потребно е да се предвидат и соодветни гаранции кои ќе го земат предвид ефективното и ефикасно учество на странките во постапките, вклучувајќи ги тука и сведоците, а имајќи ја предвид комплексноста на една постапка. Покрај ова, ќе бидат неопходни и интервенции во самите процесни закони кои соодветно ќе го предвидат начинот и степенот на ваквото функционирање на судовите, како и кои ќе предвидат соодветни процесни гаранции за заштита пред сé на начелото на еднаквост на оружјата, ефикасното учество во постапката, како и јавноста на постапките кои евентуално би се спроведувале онлајн – потенцира таа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот