Петров ја повика опозицијата да не блокира: Државен интерес е да се екипира Уставниот суд

Андреј Петров / Фото: Скриншот, Фејсбук

„Иницирањето криза не е во интерес на граѓаните и ничија лична кариера не е поважна од интересите на граѓаните. Мое убедување е, а и искуство дека блокадите и опструкциите во Собранието не донеле добро на никој“ кажа членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров, во вечерашното гостување на ТВ Телма.

Тој додаде дека дури и кога тие како опозиција блокирале, времето покажало дека тоа немало никаков ефект на билдањето на рејтинг на партиите или постигнување на некакви цели.

„Интересот на државата е да се екипира Уставниот суд. Во моментот треба низ дијалог да се најде начин како да се надмине проблемот и да се изберат преостанатите судии.“ потенцираше Петров.

Тој додаде дека за парламентарните прашања треба да се разговара во Парламентот, но креирањето за тој амбиент доаѓа од политичките партии.

Според Петров, не треба да се брза со менувањето на изборниот модел во државата.

„Изборниот законик треба да се донесе во квалитетна процедура, која може да трае и повеќе од една година. Ние сакаме да го смениме изборниот модел набрзина. Ако сакаме квалитетно решение и да имаме консензус не може тоа да го направиме утре“, рече Петров.

Промената на изборниот модел е сериозна реформа, за која експерти кои се занимаваат со таа проблематика треба да го кажат своето мислење, смета членот на Извршниот одбор на СДСМ.

„Треба да се отворат повеќе јавни расправи, да се повикаат повеќе експерти. Треба да се согледаат сите недостатоци од минатото, што пречело, што било добро и каде сакаме да одиме“ кажа Петров.

Тој додаде дека според примерите од другите земји, изборните закони се приготвуваат подолг период и се усвојуваат на најмалку шест месеци пред изборите, со цел партиите да може да се прилагодат на измените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот