Петмина загризаа во ресенското изборно јаболко

Ресен / фото: Фејсбук

Во изминативе четири години јас како градоначалник и мојот тим работевме исклучително посветено. Потребен е континуитет за да ја унапредиме нашата Преспа во сите области, вели Живко Гошаревски од СДСМ.

Петмина кандидати и шест советнички листи на 17 октомври ќе ја барат довербата на ресенчани за градоначалник на oпштината. Покрај актуелниот градоначалник, стоматологот Живко Гошаревски од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, за „кмет“ на Ресен конкурираат и економистот Јован Тозиевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Весна Миркова од движењето „Одлучно за промени“ – ЛДП и ДОМ, Осман Шукриу од ДУИ и Гордана Поповска од „Македонска ера трета“. За Советот се натпреваруваат советнички листи и на коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива и движењето БЕСА.

– Во изминативе четири години во локалната власт, јас како градоначалник и мојот тим работевме исклучително посветено, ангажирано и транспарентно. Со исклучително голема и драгоцена поддршка од централната власт, со комплетно разбирање за потребите на Преспа и на Ресен. Денес децата учат во реновирани училишта, играат на обновени спортски терени и сали, најмалите се во градинка изградена според светски стандарди, а сите возиме и пешачиме по реконструирани улици и тротоари. Но, за подобро и поквалитетно утре има уште многу работи да се направат. Потребен е континуитет за да ја унапредиме нашата Преспа во сите области на општественото живеење – вели Гошаревски во обидот да ги убеди ресенчани да му дадат уште еден мандат. Тој најави дека ќе гради катна гаража, ќе го реконструира градскиот плоштад, пешачката зона на улицата „Гоце Делчев“, ОУ „Славејко Арсов“, дека ќе ги обнови заштитните ѕидови на Градскиот стадион…

Кандидатот за градоначалник на Општина Ресен од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Тозиевски, смета дека „до поуспешна и попросперитетна општина се стигнува само со труд, љубов и желби, но и со луѓе што ги застапуваат вистинските вредности и ја сакаат Преспа“.

– Јаболкопроизводителите треба да си го добијат заслуженото, а тоа ќе се постигне само ако локалната самоуправа им биде партнер преку привлекување инвеститори и отворање нови центри за откуп и преработка на јаболкото. Да го направиме Ресен „Смарт сити“ преку воведување повеќе дигитални услуги – вели Тозиевски.

Тој планира да ја направи општината модерна и инфраструктурно поврзана, да асфалтира улици, да го реши проблемот со паркирањето, да ја реконструира водоводната мрежа и така да го реши недостигот на вода за пиење.

И другите кандидати во своите програми нудат решенија за капитални, инфраструктурни, еколошки, зелени и други проекти.

На парламентарните избори во 2020 година во Општина Ресен од вкупно 16.584 гласачи на 50 избирачки места, своето право на глас го искористија 8.276 граѓани. Најмногу гласови освои коалицијата „Можеме“ предводена од партиите СДСМ и Беса, за која гласаа 3.830 граѓани, на второ место се најде коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за која гласаа 2.843 граѓани, на трето место се најде ДУИ со 750 гласа , а на четврто  Левица, која освои 198 гласа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот