Петковски: Ако не добиеме датум, ќе бидат казнети граѓаните, а не политичарите

Поддршката на граѓаните за влез во Европската Унија останува висока. Она што е намалено се очекувањата за брз влез. Речиси половина од граѓаните, односно 47,7 проценти сметаат дека оваа недела Европскиот совет ќе донесе одлука земјава да ги почне преговорите со ЕУ, додека 39,9 се на спротивно мислење. Ова го покажуваат најновите наоди од анкетното истражување ЕВРОМЕТАР за мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите, во пресрет на одлуката за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија, спроведено од Центарот за европски стратегии Евротинк.

Директорот на Евротинк, Љупчо Петковски, претставувајќи ги најновите наоди, рече дека ако одлуката во Европскиот совет биде позитивна, тоа ќе биде гаранција дека елитите ќе бидат попосветени на реформите.

– Од практични причини отпочнувањето преговори не е само симболички чин. Почетокот на преговори ќе ја стави во форма нашата јавна администрација, бидејќи таа ќе биде столб и носител на на целиот процес. Таа би добила пристап до ресурси до експертиза, знаење од колегите од Брисел, што е потребно тие работи технички да се завршат. Тука политичарите нема да бидат главните играчи – рече Петковски.

Во случај земјава да не добие одлука за почеток на преговори, Петковски оценува дека тогаш не би била казнета која било политчка елита, туку би биле казнети самите граѓани.

– Не отпочнувањето на преговорите би значело помала подготвеност кај граѓаните да се оди во непопуларни потези, во непопуларни реформи, и во крајна линија би значело трајно убивање на надежта на нашите граѓани дека тука нешто ќе се менува, смета Петковски.

Тој оцени дека во тој случај наративот на власта, кој во последните две години е базиран на ветувањата дека ќе почнеме преговори, ќе се распадне и нивниот легитимитет ќе се намалува.

Во врска со новата методологија на преговарање, што ја заговара Франција, Петковски смета дека тоа нема да биде нешто драматично и оти тоа е произлезено од пи-ар побуди, со цел да стивнат стравувањата во јавноста во државите-членки на ЕУ, кои се колебливи кон проширувањето.

Тој смета дека Франција има легитимни стравови и легитимни ставови, но оти Париз е партнер и е многу важен за земјава.

– Нашата надворешна политика традиционално ја има запоставено Франција. Знаеме дека во надворешната политика резултати има само во континуитет. Треба децениски континуитет за резултати – смета Петковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот