Петковиќ: На средбата во Брисел владее нервоза и се „кршат копја“ околу ЗСО

Фото: Архива на СП

Директорот на српската канцеларија за Косово Петар Петковиќ попладнево соопшти дека Албин Курти на различни начини се обидува да ја избегне обврската за формирање Заедница на српски општини и дека во моментов се кршат копја за тоа.

За време на паузата, по средбата на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Петковиќ за ТВ Пинк изјави дека претседателот на Србија се бори да го исполни Бриселскиот договор.

„Курти на секој начин се обидува да ја избегне обврската за формирање на ЗСО. Тоа го прави на различни начини и со различни трикови. „Претседателот Вучиќ се бори и инсистира на ЗСО, бидејќи тоа е обврска на Приштина која постои 10 години“, нагласи тој.

Петковиќ додаде дека токму за тоа се кршат копја, и таму владее голема нервоза.

Коментирајќи некои наводи дека денеска е „Денот Д“ и дека нешто ќе се потпише веќе денеска или до 15 март, Петковиќ исто така рече дека денеска не е „денот Д“.

„Граѓаните на Србија ќе видат што зборува и прави претседателот Александар Вучиќ, а што прави опозицијата во Белград, која на секој начин се обидува да ја оштети својата земја, ќе излезе на виделина. Ќе разговараме за тоа, тука сме фокусирани на дијалогот и на Заедницата на српските општини“, рече Петковиќ.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска во Брисел се сретна со премиерот на Косово Албин Курти, во рамки на новата рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, јави Бета.

На веб-страницата на ЕУ беше објавено дека Борел ќе се сретне со Курти, потоа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а за подоцна е најавена заедничка средба на Борел, Вучиќ и Курти.

Според соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), главна тема на денешната рунда дијалог е „Предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, познат и како француско-германски план.

Во време на разговорот меѓу Борел и Курти, Вучиќ во Брисел се сретнал со Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, јави Јуронуз Србија.

Портпаролот на Европската комисија Петер Страно денеска на прес-конференција изјави дека денешната средба меѓу Вучиќ и Курти „не е последна средба“.

„Лидерите на Србија и на Косово се обидуваат да одат чекор по чекор за да ги решат сите отворени прашања што водат до сеопфатен договор за нормализација на односите. Очекуваме двете страни, нивните лидери, главните преговарачи и нивните претставници да покажат европско однесување и да најдат политичка сила, храброст, подготвеност за европски компромис во корист на нивните граѓани и за нивната европска перспектива“, потенцираше Стано.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот