Петков: Во Договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот

Кирил Петков, премиер на Бугарија/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во Договорот за добрососедство имаме многу јасна дефиниција за јазикот и тезата за јазикот, како и во дел од другите документи кои се потпишани. Бугарија прва ја призна независноста на Северна Македонија и истовремено, со тоа, ние апсолутно го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и користењето на сите ваши јазици, како што се дефинирани со Уставот. Имаме полно почитување на тоа и ќе продолжиме во најконструктивен дух да ги третираме овие прашања, изјави денеска во Скопје бугарскиот премиер Кирил Петков, одговарајќи на новинарско прашања да ги именува јазикот и народот во државата во која се наоѓа.

Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски по средбата во Скопје, Петков, рече дека фокусот бил на заедничката работа и точниот календар за следните неколку месеци, посочувајќи дека е голем оптимист и дека во многу брзо време ќе имаме резултати.

Тоа што го постигнавме на нашата прва средба, посочи Петков, јасно покажува дека сите од двете страни решивме добрососедството да има поинаква дефиниција од тоа што било досега.

– Од тука, па натаму, тоа ќе биде новиот конструктивен дијалог. Ставаме акцент на сите работи кои се заеднички и кои имаат можности за збогатување на нашите односи и заедно со нив самите работни групи ќе стават акцент на специфичните прашања кои ќе треба да ги решиме, изјави Петков.

Во однос на работните групи и тоа што е досега постигнато, Петков рече дека за разлика од досегашниот пристап, сега на неделни средби ќе се разговара за реалните можности на сите комисии, вклучително и на историската Комисија.

– Врз база на тоа што и Димитар го кажа, дека ќе се фокусираме на работите кои не зближуваат, а прашањата кои не се разјаснети ќе им дадеме и подолг рок тоа да се случи. Но, важно е да се работи, да се среќаваме и да бидеме во постојана комуникација, изјави Петков.

Тој исто така изрази надеж дека сега, откако историската комисија е една од петте комисии, тие ќе бидат во една многу поинаква средина – во средина на добар дијалог и конструктивна активност.

Прашан дали пред македонската страна биле поставени и други услови од бугарската рамковна позиција, меѓу кои рехабилитација на жртвите на комунизмот, кои биле гонети поради бугарската самосмест и оштетувањето на табли и натписи, Петков рече дека било разговарано за сите прашања, но дека тоа што е важно, е дека и двајцата разбираат дека овие специфични прашања треба да бидат решени.

– Да, ќе работиме на нив како дел од заедничката работа, но ќе бидат во сосема различна димензија кога се ставени и во контекст на сите други работни групи. Одогворот е да, но фокусот од тука натаму треба да биде зошто е толку важно нашите две држави да го имаат тоа добрососедство, а не само да се фокусираме на проблемите што треба да бидат решени, но тоа е сосема друг пристап, истакна Петков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот