Петков притиснат од партнерите, Ковачевски од противниците

Фото: Димитар Ковачевски/Фејсбук

Трифонов бара Петков да не го трга ветото од преговарачката рамка за Македонија на самитот на ЕУ во јуни, а опозицискиот лидер Христијан Мицкоски порачува дека ќе поништат какво било решение што отстапува од националните и државните интереси.

Премиерите на Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, деновиве се прозвани за можното решение на спорот што Софија му го наметна на Скопје. Петков е под притисок на коалицискиот партнер Слави Трифонов од Има таков народ, а Ковачевски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Притисокот е со иста содржина – „не попуштајте“, односно Трифонов бара Петков да не го трга ветото од преговарачката рамка за Македонија на самитот на ЕУ во јуни, а опозицискиот лидер Христијан Мицкоски порачува дека ќе поништат какво било решение што отстапува од националните и државните интереси.

Силна порака до Петков денеска стаса и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која од Софија порача дека сега е време да биде тргнато ветото во Брисел и Македонија, а со тоа и Албанија конечно да ги почнат преговорите за членство.

Милошоски: Ковачевски да ги даде документите на увид

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска со писмо побара од премиерот Ковачевски да ги достави во Собранието нацрт-документите за кои се преговара со Бугарија. Во претходните месеци опозицијата се обидуваше овие документи да ги добие од МНР и од министерот Бујар Османи, но тој одбиваше со оправдание дека станува збор за доверливи информации, а не помогна ниту барањето документите да се разгледаат на затворена седница на собраниската Комисија за надворешни работи.

Милошоски потенцира дека според кодексот на Владата, носителите на извршни функции треба редовно да даваат отчет пред Собранието, а врз основа на член 68 од Уставот, Собранието врши политичка контрола над извршната власт.

– Дополнителен аргумент за отворања на оваа дебата е и веќе воспоставената практика од јули 2017 година кога тогашниот премиер лично учествуваше на Комисијата за надворешна политика и до пратениците го достави нацрт-договорот за добрососедство и побара седницата да биде затворена – рече Милошоски.

Мицкоски, пак, прашува зошто Бугарија се радува, а македонската влада молчи и што е тоа што двете страни го опишуваат како придвижување во разговорите.

– На крај ни кажаа дека договориле заедничко чествување на цар Самоил, а ова го соопшти и Зоран Заев дека го договорил уште пред две години. Сега власта играјќи на картата на кратко помнење на народот, сака да ни каже дека треба повторно да се радуваме за продавање на работа што веќе ја продале во 2019 година – вели Мицкоски.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ за прашањето со Бугарија има многу јасни позиции и е против каков било чин или чекор што ќе значи нарушување на идентитетот и јазикот или срамно решение што ќе значи откажување од нашето историско наследство.

Ковачевски: Брзо, но не избрзано решение

Премиерот Ковачевски денеска повтори дека отсекогаш се залагал за брзо решение со Бугарија, но не и избрзано. Повтори и дека разговорите се во тек, но сè уште нема заемно прифатливо решение.

– МНР на двете земји работат на политичките прашања. Тие прашања ги разговараат на средби според стандардите на меѓународните односи. Во моментов се работи на размена на идеи за отворените политички прашања, а штом ќе има документ или решение што е прифатливо за двете страни, ќе биде соопштено. Во овој момент такво заемно прифатливо решение не постои – рече Ковачевски.

Тој нагласи дека не се водат тајни преговори со Софија и сè за што се разговара е познато, како и дека односите со Бугарија се базираат на искрена комуникација помеѓу двете влади и помеѓу двајцата премиери.

Токму комуникацијата меѓу двајцата премиери беше една од точките за кои Петков доби опомена од коалицискиот партнер Слави Трифонов. Шоуменот што стана политичар, повторно во статус на Фејсбук нè нарече „Северномакедонци“ и го повика Петков да не го трга ветото без исполнети услови.

„Пред да се формира оваа Влада, ние, четирите партии во коалицијата, одржавме преговори и потпишавме коалициски договор. Во него во делот надворешна политика сите се согласивме дека Бугарија ќе ја зачува досегашната позиција во однос на Македонија. Тоа значи дека почетокот на преговорите со ЕУ ќе се случи тогаш кога тие ќе почнат да го спроведуваат Договорот од 2017 година. За жал, премиерот Петков сака да го игнорира овој договор и да го тргне ветото без никакви услови. Тој сака до крајот на јуни Северномакедонците да почнат преговори со ЕУ, без да има никакви правни гаранции за правата на Бугарите во таа држава. Морам да прецизирам дека тој тоа го прави без да ги усогласи своите активности со дипломатите од МНР, со Парламентот и со коалициските партнери“ – напиша Трифонов.

Тој додава дека националната чест, достоинството и историската вистина не се за продавање, како и правата на Бугарите во РС Македонија, па партијата нема да се согласи со безусловно кревање на ветото за Македонија.

Фон дер Лајен: Бугарија да помогне да почнат преговорите

Бугарија да помогне за реализирање на одлуката на Европскиот совет од 2020 година за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија, побара денеска во Софија претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Кирил Петков.

Според Фон дер Лајен, важно е ЕУ да го исполни своето ветување во овие тешки времиња кон своите соседи.

– Времињата се многу бурни и тие ќе ја одредат иднината на Европа. Ништо нема да е исто како што било пред војната во Украина. Треба да се исполни ветувањето кон партнерите од 2020 година. Сметам на Бугарија дека вешто ќе го води процесот – рече таа.

Фон дер Лајен рече и дека правата на малцинствата се во основата на европските договори и вредности и дека заштитата на малцинските права се во фокусот на вниманието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот