Петков: Македонија и целиот Балкан треба да бидат во ЕУ, но бугарското малцинство мора да има заштитени права

Кирил Петков бугарија
Кирил-Петков/ Фото: МИА

Поранешниот бугарски министер за економија Кирил Петков на новинарско прашање на БНР дали коалицијата „Промената продолжува” ги претставува американските интереси во Бугарија, одговори дека тие ќе ги штитат само бугарските интереси, но доколку овие интереси се совпаднат со интересите на која било од големите сили, ќе биде уште подобро и ќе се движат во заедничка насока.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Петков, бугарските интереси се единствените водечки интереси за „Промената продолжува”.

– Јас верувам, не само за Македонија, туку и за целиот Балкан, сите земји мора да бидат дел од ЕУ, истакна Петков, додавајќи дека населението на Балканот изнесува 65 милиони луѓе со слична култура и блиски економии.

Во моментов, според него, Балканот е толку поделен што, како поранешен бизнисмен му било полесно да ја извезува стоката во САД, Австралија и Јапонија, отколку да ја продава во Северна Македонија, Србија, Албанија и Црна Гора.

– Долгорочно, мора да се каже дека сите овие граници треба да бидат отворени за трговија и економски развој. Но, не може да се надминат фактите дека бугарското малцинство во Македонија треба да има заштитени права. Апсурдно е нашите малцинства, не само во Македонија, туку и во другите земји во регионот да не бидат заштитени, нагласи Петков, додавајќи дека станува збор за брз дијалог и добро формирани работни групи, и со заедничка цел дека просперитетот на Балканот зависи од можностите за правење и постигнување просперитет.

Додека бил времен министер за економија на Бугарија, Петков остварил средба за време на форумот „Три мориња” со македонскиот заменик министер за економија, и разговарале дека треба да се обидат да воспостават врски меѓу компаниите од двете држави, за да има повеќе клиенти, добавувачи и отворени пазари. Според Петков, тоа е вистинската политика ако сакаме да мислиме за просперитет на Балканот. Кога има добри економски врски, Петков смета дека тоа го намалува ризикот од војни и политички тензии, бидејќи кога луѓето работат заедно, сфаќаат дека другите работи се повеќе политички искривувања.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот