Петерсен му ја „украде“ победата на Вардар

epa09028285 Dominik Mathe (C) of Elverum in action against Vardar players Gleb Kalarash (L) and Patryk Walczak (R) during the EHF Champions League handball match between HC Vardar 1961 and Elverum Handball in Skopje, Republic of North Macedonia, 21 February 2021. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ракометарите на Вардар останаа без победата во дуелот со Елверум во Лигата на шампионите играјќи 34:34. Петерсен со голот во последната секунда му ја одзеде победата на Вардар и засега го остави на последното место на табелата во групата А со четири бода, додека Елверум има бод повеќе.

Првото полувреме помина во буквално израмнета игра на двете екипи, Елверум со голот на Мате го отвори резултатот по што екипите во првите 15. минути играа гол за гол. На секој гол на норвешкиот тим, вардарци одговараа со гол се до 14. минута кога со головите на Стоилов, Калараш и Чупиќ, „црвено-црните“ поведоа со 12:10.

Во продолжение, повторно се играше гол за гол, голманите и на двете екипи беа далеку од посакуваното ниво по што првото полувреме заврши со 20:21 за Елверум.
Одлично прво полувреме имаше Анте Гаџа кој постигна шест гола, а по три и тоа без промашување, дадоа Калараш и Чупиќ.
Во второто полувреме поинаква слика на теренот во салата во СЦ „Јане Сандански“, акциите на Вардар полесно и побрзо завршуваа во мрежата на норвешкиот тим. Потегот на тренерот Стевче Алушовски во второто полувреме да му даде шанса на младиот Марко Кизиќ се покажа исправна и имаше неколку одлични интервенции со кои им овозможи на неговите ракометари лесна реализација.
Кон средината на второто полувреме, Вардар направи серија од 4:0 за водство од 29:25, а потоа и 30:26. Упорните норвежани не се предадоа и преку Лук Абало кој даде четири гола по ред, Елверум дојде до израмнување (31:31) на четири минути до крајот на натпреварот.

Во финишот, во 58. минута Чупиќ донесе предност од 34:33, а Грондал го промаши пеналот во последната минута. Во следниот напад, Вардар имаше можност да ги реши сите дилеми на натпреварот, но Стоилов беше непрецизен. Казната стигна во последната секунда кога Петерсен го совлада Кизиќ и ги постави конечните 34:34.
Анте Гаџа со осум гола, од кои шест во првото полувреме и Иван Чупиќ беа најпрецизни, Стоилов даде пет, додека на голот на Вардар Кизиќ забележа 12 одбрани. Кај Елверум, Мате, Солстад и Пујол дадоа по пет гола.
Вардар ќе има нова шанса за триумф против Елверум на натпреварот кој ќе се игра во среда, повторно во салата Јане Сандански.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот