Петер: Владата е позитивно настроена кон инвеститорите

фото: МИА

Владата е позитивно настроена кон инвеститорите, презеде доста активности, а планот за економски раст е една од нив за кој направија подобрување, оцени денеска Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија и претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Тој, во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, порача дека не сака да дава оценки за Владата на половината на нејзиниот мандат и нагласи дека во „Белата книга” што Советот за странски инвеститори ја издаде во декември минатата година има неколку препораки кои им се предочени на премиерот и вицепремиерот за економски прашања.

-Климата за инвестиции се подобрува чекор по чекор и сметам дека тоа е вистинската брзина со која треба да одат реформите. Сите сакаме брзи реформи, но некогаш е подобро постепено да се направат стабилни реформи за да можат и компаниите да ги следат. Токму затоа, како Совет на странски инвеститори сето тоа го наведовме во „Белата книга” каде кажуваме какво очекуваме да биде бизнис опкружувањето и стабилноста во владеењето на правото, а не одевме со општи клаузули што треба да се поправи во тие сегменти, рече Петер.

Потсети дека премиерот во неколку наврати дека 2019. ќе биде економска година и оти неговиот фокус ќе биде насочен кој економијата.

-Мислам дека веќе направи неколку чекори во изминативе месеци. Очекуваме тоа да продолжи со засилено темпо до крајот на годинава, но и во 2020 година. Секогаш ги замолувам моите колеги да бидат потрпеливи затоа што економскиот раст не доаѓа од еден во друг месец, туку се потребни години. Сите заедно – домашните компании, странските инвеститори и Владата треба да работиме во таа насока, посочи Петер.

Нагласи дека не е фан на статистиката која, како што рече, се однесува на нешто што се случило претходно и ако го насочите правецот може да манипулирате со статистичките податоци.

-Реалната економија доаѓа и од чувството да се погледнат луѓето кои се на улица и кои работат, а не само што е презентирано во официјалната статистика од Државниот завод за статистика. Мислам дека бранот на добрата економија во ЕУ е добра почетна точка за добра економија и во Северна Македонија. Секогаш преферирам да ги земам добрите бројки од статистиката и да бидам оптимист, отколку да ги земам негативните и да бидам песимист во поглед на економијата, нагласи Петер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот