Пет рецепти за најубавите посни колачи: Лесно и брзо се прават, а толку се вкусни што никој не може да им одолее

Православните верници на 27 февруари го започнаа големиот и најстрог пост кој ќе трае до Велигден – 15 април.
Велигден полека се ближи, а доколку сте почнале да размислувате кои колачи би можеле да ги направите, во продолжение ви пренесуваме 5 рецепти за највкусните посни колачи.
1. Обланди Фигаро
Состојки:
– 100 грама суви сливи
– 100 грама смокви
– 100 грама урми
– 100 грама суво грозје
– 100 грама ореви
– 100 грама печени лешници
– 1 лажица шеќер во прав
– 2 лажици мед
– сок од 1 лимон
– 2 мали обланди
– 100 грама чоколадо
– 30 грама мелени печени лешници за посипување
Подготовка:
Урмите, смоквите и сливите исечкајте ги на тенки резанки, измешајте ги со крупно сечканите ореви и истолчени печени лешници, сувото грозје и сокот од лимон. Додајте шеќер во прав и мед и добро измешајте. Ставете ја смесата помеѓу обландите и притиснете со потежок предмет. Следниот ден прелијте со чоколадо и посипете со мелени печени лешници, па кога ќе се стврдне, исечете на штангли.
2. Бајадера
Состојки:
– 300 грама мелени посни бисквити
– 200 грама мелени ореви
– 250 грама шеќер
– 1 ванилин шеќер
– 10 лажици вода
– 200 грама посен маргарин
– 150 грама посно чоколадо за готвење
За глазура:
– 3 лажици шеќер
– 3 лажици вода
– 3 лажици масло
– 100 грама посно чоколадо за готвење
Подготовка:
Во тенџере сипете шеќер, вода и ванилин шеќер, па варете додека не зоврие. Тргнете ја смесата од оган, додајте го маргаринот и мешајте додека маргаринот не се растопи. Потоа додајте ги мелените бисквити и мелените ореви, па сè убаво измешајте. Добиената смеса поделете ја на два дела. Едниот дел оставете го жолт, а во другиот додајте го растопеното чоколадо.
Во правоаголен плех прво сипете го делот со чоколадото, а потоа и вториот дел од смесата. Оставете во фрижидер. Глазурата направете ја дури кога колачот целосно ќе се стегне. Во тенџере сипете масло, вода, шеќер, маргарин и чоколадо за готвење, па мешајте на ринглата додека не се соединат сите состојки. Додека е топла глазурата прелијте ја врз колачот и оставете да се излади. Потоа бајадерата исечкајте ја на коцки или штангли и послужете.
3. Топчиња од сусам
Состојки:
– 125 грама маргарин
– 4 лажици мед
– 4 лажици шеќер
– 100 грама чоколадо
– 100 грама мелени бисквити
– 100 грама мелени ореви
– 200 грама сусам
Подготовка:
На сува тава кратко пропржете го сусамот. Посебно, во друго тенџере соединете ги медот, маргаринот, исскршената чоколада и шеќерот, па загрејте на умерена температура додека не се добие еднолична смеса. Потоа, тргнете од ринглата, додајте ги пржениот сусам, мелените бисквити и оревите и убаво измешајте. Од подготвената смеса направете топчиња (или формирајте салама и оставете ја во фрижидер да се стегне, па исечете ја на парчиња).
4. Чоко розен триаголници
Состојки:
– половина пакување кора од розен колач
– 200 грама шеќер
– 125 грама маргарин
– 2 лажици какао
– 100 грама мелени бисквити + 30 грама за посипување
– 100 грама чоколадо
Подготовка:
Шеќерот измешајте со 1 децилитар вода, па тргнете го од шпорет и додајте го на парчиња исечениот маргарин, со постојано мешање да се растопи маргаринот. Потоа, додајте какаото, 50 грама чоколадо и мелените бисквити, па добро измешајте. Кората од роза пресечете ја на половина по ширина (другата половина оставете ја за уште еден вид колачи), а потоа филувајте ги корите со топол фил. Намачкајте ја со фил и горната кора, па прелијте ја со 50 грама растопено чоколадо и посипете со мелени бисквити. Оставете да се стегне и излади, па исечете ги на триаголници.
5. Карамел коцки
Состојки:
– половина кора за розен торта
– 125 грама маргарин
– 200 грама шеќер
– 1 пудинг од карамела
– 400 милилитри млеко од соја
– 150 грама мелени печени лешници + 50 грама за посипување
Подготовка:
Шеќерот карамелизирајте го на тивок оган, па сипете 300 милилитри млеко од соја и мешајте додека не зоврие и додека карамелот не се растопи. Во преостанатото млеко измешајте го пудингот од карамела, па додајте го во зовриеното млеко и мешајте додека не се згусне. Потоа, додајте го маргаринот исечен на ленти и мелените печени лешници, мешајте додека не се изедначи масата, а потоа со топол филм филувајте ја кората. Исфилувајте ја и горната кора, па посипете ја со мелени печени лешници и оставете да се излади и да се стегне. Колачот сечете го на коцки.