Пет до дванаесет за гласот на пензионерите

Веќе почна одбројувањето за почеток на парламентарните избори во нашата земја и сите анализи и предвидувања за победникот со пресметани незначителни промашувања се ставени на маса. Не се сомневам во математичката прецизност на агенциите и луѓето што се занимаваат со процена на рејтинзите, програмите и можностите на учесниците во изборите, но сакам да помогнам во пресметката на бројот на гласачите од редовите на пензионерската организација, што во досегашната практика се докажа како релевантен фактор за победникот.

Всушност, станува збор за повеќе од 320 илјади пензионери, кои имаат свои семејства – полнолетни деца и внуци стасани за гласање. Значителен број од нив живеат во заедница од три-четири члена и се издржуваат од една пензија. За да не претераме во пресметката, овој број треба да го сведеме на минимум и да го помножиме со по два члена од семејството, кои еднообразно ќе гласаат за фаворитот на носителот на пензијата. Значи, бројот на потенцијални гласачи – „пензионери“ се удвојува и нараснува на 640 илјади. Ниту една партија и која било друга организација, освен пензионерската, нема и не може толкав број гласачи да обезбеди?!

Ваков математички пристап кон гласачите ништо нема да придонесе ако се нема предвид стратегијата во придобивањето и обезбедувањето на оваа бројка од редовите на пензионерската организација. Всушност, постои Национална стратегија за стари лица, но малкумина знаат за неа, а најголемиот број ништо (или малку) позитивно не почувствувале од неа, бидејќи извршителите не успеале целосно да ги реализираат задачите и да ги наметнат благодатите од програмата?!

Посебно кога станува збор за пензионерите, мора да се знае дека тие луѓе се со големо искуство и мудрост, кои поминале низ сите „сцили и харибди“ и совладале многу проблеми. Не треба да се залажуваме дека староста им го намалила паметењето и заборавиле кој што направил за нив и колку им го подобрил квалитетот на животот?!

Но да ја оставиме настрана стратегијата и на гласачите да им се доближиме со тактика, како парцијална и оперативна дисциплина поврзана со непосредни мерки и практични постапки на одговорните фактори. Во неа може да ги ставиме и мерките на Владата за помош на економијата при справувањето со кризата во услови на пандемија. Сетот мерки опфати повеќе структури погодени од кризата, имајќи ги предвид можностите на буџетот и загрозеноста на учесниците, што наиде на одобрување и оправдување кај јавноста. Сепак, остана чудно и необјаснето прашањето – зошто пензионерите не беа опфатени ниту со еден пакет од економските мерки на Владата?! Во екот на пандемијата се појавија шпекулации дека за нив е подготвен посебен пакет со мерки кој ќе се отвори во „пет минути до дванаесет часот“, пред изборите?! Во меѓувреме, забуна внесе и доделувањето платежни картички за купување македонски производи и ваучери за летување во домашни одморалишта на некои пензионери, што се протолкува како грешка при ажурирањето на списоците за користење на овие придобивки?!

Како и да е, часовникот ги отчукува последните минути пред изборите. Додека настануваат овие редови, четвртиот пензионерски предизборен пакет не беше отворен. Верувам дека ова „сознание“ ќе биде побиено и пензионерите ќе си ги добијат заслужените картички и ваучери?! Сепак, останува енигмата за гласот на највозрасната популација граѓани, која е загрижена за своето здравје, и покрај обезбедувањето на сите протоколи за заштита во текот на претстојниот изборен циклус, што ја загрозува излезноста и давањето доверба на учесниците?!

Ваквото „сценарио“ е изведено од предизборното есапење на активностите и состојбите со најстроги критериуми, кое верувам дека нема да се реализира, а се надевам на нормална излезност на пензионерите и другите гласачи кои ќе им поверуваат на натпреварувачите дека можат и повеќе и подобро од досегашното и дека ќе почне обновата на земјата?!

Па, нека ни е Господ напомош?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот