Песков: Плановите на САД за кибер напади се меѓународен криминал
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека извештаите во американските медиуми за плановите на САД да извршат кибер напади врз цели во Русија предизвикуваат голема загриженост, пренесува агенцијата ТАСС.
– Овие извештаи се алармантни затоа што доаѓаат од прилично угледниот американски „Њујорк Тајмс”, кој не исклучува кибер напади, а тоа не е ништо друго освен меѓународен кибер криминал, истакна Песков на прес-конференција.
ТАСС пренесува дека Песков повторил дека руската држава никогаш немала никаква врска со овој вид компјутерски криминал и кибер тероризам.
„Њујорк Тајмс” во неделата, повикувајќи се на американски официјални лица, објави дека Вашингтон планирал низа тајни активности на Интернет низ Русија во следните три недели како одмазда за големите хакерски напади на американски владини агенции и корпорации откриени кон крајот на минатата година за кои САД ја обвинуваат Русија.