
Перински во Ѓорче Петров: Ова не е предизборна кампања, обврска на министерот е да ги посети општините
Карванот со теренски посети на општините„Каде што срцето е дома“, предводен од министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска е во општина Ѓорче Петров, каде министерот ќе разговара со градоначалникот Александар Стојкоски и општинските советници, но и со граѓаните за предизвиците и проблемите со кои секојдневно се соочуваат.
Препорачано
За Перински овие теренски посети не претставуваат предвремена кампања затоа што, како што рече, основна работа на Министерството се локалните самоуправи, локалната политика и регионалниот развој.
Точно е дека некои ова го сметаат за почеток на предизборна кампања, но јас не се согласувам со оваа констатација затоа што обврска на министерот е да ги посети локалните самоуправи и да го осознае нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите. Јас искрено жалам што ова министерство во изминатите години не беше визибилно и не беше на висина на задачата иако како ресор е исклучително битен во рамките на функционирањето на Владата, затоа што тангира две многу битни и суштински теми, а тоа се локалната политика и регионалниот развој. Доколку овие две материи не се третираат соодветно ќе ни се случува тоа што се случува- половина Македонија да доаѓа во главниот град, а 70 посто од територијата да се празни – рече министерот.
Според него, општина Ѓорче Петров е исклучително битна и специфична затоа што покрај урбан има и рурален дел, па е тешко да се направи баланс во инвестициите за да се обезбеди еднакво ниво на развој на целата општина. Тој посочи дека денеска ќе разговара со чинителите на локалната политика, а утре со граѓаните, кои ги покани на средба во 18.30 часот во Домот на културата. Како што посочи и Минситерството и Владата остануваат отворени за поддршка на сите капитални проекти во интерес на граѓаните.
Градоначалникот Стојкоски исто така смета дека средбите со министерот се исклучително значајни и нагласи дека се задоволни и од соработката со Владата. Како што посочи во моментов ги подготвуваат и проектите за вториот повик за финансиска подрршка и наскоро ќе аплицираат.
На вториот повик досега шест општини аплицирале со 35 проекти.