Перформансот „Приказни од куќата“ на Дилејн Ле Бас се одржа во МСУ

Перформанс на британската уметница Дилејн Ле Бас во МСУ

Музејот на современата уметност – Скопје на 1 февруари беше домаќин на британската уметница Дилејн Ле Бас, која изведе перформанс со кој на присутната публика ѝ ја претстави суштината на своето уметничко творештво.

Гостувањето на британската уметница Дилејн Ле Бас во Скопје, пред сѐ, беше поврзано со нејзините три дела претставени во рамките на групната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ во Музејот на современата уметност (МСУ) – Скопје, која е реализирана во рамките на проектот „Манифеста 14, Приштина – Западен Балкан“. Куратори на изложбата се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова, а ќе може да се посети до 20 февруари.

Дилејн Ле Бас е британска уметница на вкрстени дисциплини, која создава инсталации, перформанси, фотографии и филмови. Таа е една од шеснаесетте уметници кои се дел од „Изгубениот рај“, Првиот ромски павилјон на Биеналето во Венеција од 2007 година.

Перформансот што го изведе во Скопје се однесува на нејзината уметничка практика претставена преку проектот „Приказни од куќата на Ле Бас“. Лесно водејќи ја публиката низ галеријата, Ле Бас суптилно откриваше детали од својот животен пат, но ја разоткриваше и симболиката на деталите во нејзините дела.

На средбата по перформансот Ле Бас ни објасни дека текстот што го прочита на перформансот е напишан врз основа на нејзините импресии откако пристигнала во Македонија, а е конципиран како дијалог со делата што се претставени на изложбата.

Средба со Дилејн Ле Бас пред нејзините дела во МСУ

Покрај делата на други автори, на изложбата се претставени три нејзини креации. Поголемото дело е со наслов „Универзална декларација за човековите права“, додека двете помали дела се пиктографски креирани врз свила. Приказната во делата ја прикажува комплексноста на нејзиниот живот во Велика Британија како уметница која има ромско потекло.

Таа е родена во мало гратче блиску до Брајтон, но често се чувствувала како аутсајдер во сопствената земја. Така се појавила инспирацијата за социјален ангажман преку уметноста.

– Секогаш сум имала социјален ангажман во моите дела и секогаш сум сакала да остварувам контакти со луѓето. Не сакам само да се појавам некаде и потоа да исчезнам, туку сакам да остварам подлабоки релации со околината. Иако првпат сум тука, би сакала повторно да дојдам на подолг рок за да можам да остварам вистински контакт со луѓето и да ја разберам суштината на живеењето тука – ни објасни Дилејн Ле Бас.

Ромската култура во нејзините дела е присутна од едноставна причина што и таа е Ромка од Англија и практично преку своите дела го изразува својот живот. Кога одела во други држави се обидувала да стекне искуства за животот на „нејзиниот народ“ во поинакви услови од нејзините и никаде не одела како турист кој ќе гледа пејзажи, туку секогаш сакала да открие поинакви искуства. Една од причините поради кои би сакала повторно да дојде тука е што веќе знае дека во Македонија живее голема ромска заедница.

Во однос на рецепцијата на нејзината уметност низ светот, таа ни објасни дека секогаш сака да се претстави на различни начини, секогаш сака да разговара со посетителите на нејзините изложби и, можеби, да открие нови начини на гледање на сопствените дела. Токму затоа најприсутна форма во нејзините изложби се перформансите.

Во однос на делото со наслов „Универзална декларација за човековите права“, на кое е нацртан Мики Маус, таа ни објасни дека сите деца во светот знаат кој е Мики Маус, и што е Дизни или Дизниленд, но тоа за што таа се бори преку својата уметност е дека многу поважно е да ја знаат Декларацијата за човековите права, или да знаат барем еден член од декларацијата.

Дилејн Ле Бас пред делото „Универзална декларација за човековите права“

Гостувањето во Скопје и перформансот на Дилејн Ле Бас во МСУ беа реализирани со финансиска поддршка на Британската Амбасада во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот