Перфектна бура над Македонија

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како што стојат работите, изгледа дека судењето за случајот „Рекет“ не може да се одвива само во судницата на скопскиот Кривичен суд. И може лесно да се испостави дека најслабата алка во обвинителската верига за овој скандал е „каменот-темелник“ на аферата – г. Јордан Камчев.

Некако, темелов почнува да се клати како шуплив заб. 60-тина секунди монтирани снимани разговори, во кои, наводно, г. Камчев се слуша во целата своја колоритна политикантска опсесивно-компулсивна индивидуалност – агресивен, заканувачки, нервозен, плачлив, конфузен, еуфоричен итн. – се директна реплика на ставот на Обвинителството дека угледниот бизнисмен, кој плаќа „највисок данок во државата“, бил недолжна цел на бескрупулозна изнуда на организирана криминална група рекетари. (Од кои, патем, дознаваме дека обвинетиот кој призна вина му позајмил на Камчев значителен дел од сумата за да го плати рекетот во кој и самиот учествувал…?!?!)

Во меѓувреме, дознаваме дека уште еден највисок безбедносен функционер од „ергелата“ на бившиот режим на Груевски и Мијалков заминал од земјава без уредно да се „одјави“. Зошто е тоа важно? Па, затоа што за него се шпекулира дека бил посредникот во купопродажни зделки на една мала, одважна делегација која пазарела снимки од едни други двајца од истата „ергела“ кои пребегаа јужно, пред овој да исчезне, наводно, уште појужно.

Значи, секој за секого поседува некакви компромитирачки снимки. Тоа се, претпоставувам, севернокорејските „бомби“ што г. Камчев – ако е тоа неговиот глас на снимките – се заканува дека ќе ги „фрла“ од Бугарија кон Македонија. Заеви ќе паднат од власт, како резултат на пресметки со „крв до колена“, што ќе резултира со “бабарогата“ Мицковски кој ќе дојде на власт, што би било само увертира за повторно враќање на Груевски во игра. Тркалото ќе заврти полн круг, излепено со лепешките на сите врз кои газело.

Како „пеколниот Бројгел“ да го илустрирал целово сценарио!

Збунета е и, барем привремено, подзамолчена (во недостаток на нова команда за престројување) целата партиска, правно-естрадна, медиумска и квази-медиумска машинерија за поддршка на „сведокот-жртва“. Уууууупс, кочи, кочи, кочи…!

Најбогатиот Македонец, всушност, цело време ни порачува дека е прекрупен и преважен за да пропадне, без разлика на сопственото правно поведение. Неговиот правен статус мора да биде или на „сведок-жртва“ (за одигрување на таа улога му се ставиле на услуга сите неопходни институции во државата) – или последиците за сите ќе бидат ужасни. Или власта ќе се ангажира да го спасува – или тој ќе активира операција за дискредитација на СЈО и за рушење на Заев од власт.

И, се чини, ја активирал. Кругот на помагачи не е мал, ниту за потценување. Сепак, клучната слабост на г. Камчев – освен неговиот карактер – е фактот што е опкружен од луѓе кои немаат никакви повисоки идеали, туку се заинтересирани само за неговите пари и за лечење на своите лични фрустрации. Лоша комбинација за конечен успех.

Не сум сигурен дали ваквиот молскавичен развој на настаните ќе им помогне на преостанатите двајца обвинети во „Рекет“ во справувањето со доказната постапка, но изгледа Обвинителството ќе мора да ја прилагоди својата првична стратегија, со земање предвид на напливот на нови околности што им го тангираат случајот. Можеби ќе дојде до прередување на масите во судницата, да се додаде уште некое место во линијата каде што седат оние кои на судењето се транспортираат со полициски комбиња? Пред уште некој да пребега од Македонија?

Треба ли да нè радува, од гледна точка на правото и демократијата, ваквиот развој на настаните?

Корените на злото се, сепак, во шокот од големата незаконита операција за следење на комуникациите, што со индустриски пропорции ја спроведувала тогашната ДБК, во времето на претходната власт. А бидејќи во судењата за масовното прислушување сè уште не се испорачува ефективна правда, методот на тајно снимање го присвоија сите центри на моќ кои имаат потреба со такви снимки (и со филтрирањето на нивната содржина) да тргуваат со влијанија, да уценуваат, да дискредитираат, да се пазарат, да профитираат и да се спасуваат. Сезоната на ловот е отворена за сите, без разлика на мотивите, причините, последиците.

Облаци се надвиваат над Македонија, се подготвува уште една перфектна бура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот