Пеп удри по УЕФА и ФИФА: Ги убивате фудбалерите
Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола отворено ги нападна ФИФА и УЕФА велејќи дека со набиениот календар ги „убива“ фудбалерите.
– УЕФА и ФИФА ги убиваат фудбалерите, ова е премногу. Немавме ни половина недела слободно откако почна сезоната. И фудбалерите се луѓе на кои им е потребен одмор, не се машини – изјави Гвардиола.
Менаџерот е гневен на фудбалските организации иако тој е еден од тренерите кои највеќе ги ротираат своите фудбалери во Сити.
– Менувам шест или седум играчи на секој натпревар. Причината за тоа е што ниту еден не е доволно подготвен. Во Сити имаме одличен том и можеме да си дозволиме да се ротираат фудбалерите. Но, ова е најкратката сезона досега, без навивачи. Доколку не ги ротирате играчите нема шанси да освоите нешто. Нема многу екипи кои во иста позиција како Сити и има луксуз да си дозволи толку ротации – додава Пеп.
Поранешниот тренер на Барселона и на Баерн Минхен, исто така е огорчен на ФИФА и УЕФА поради податокот дека фудбалерите по репрезентативните активности во клубовите доаѓаат буквално истрошени и исцрпени.
– Некои од нив играа три натпревари по 90 минути и згора на тоа патуваа многу. Нормално е дека сите сакаат да играат, тоа е вистинскиот натпреварувачки менталитет. Но, не може играчот постојано да биде и ментално и физички подготвен за сите натпревари, тоа е невозможно – објаснува Гвардиола.