Пеп Гвардиола призна кој клуб е моментно најдобар на светот!
Манчестер сити е првопласиран на табелата во Премиер лигата со 12 бодови повеќе од градскиот ривал Јунајтед. Шпанскиот менаџер кој ги води „граѓаните“ призна дека Баерн Минхен во овој момент е најдобар клуб на светот.
Сити е во одлична серија и има 20 победи во низа, па многумина го делат мислењето дека токму екипата од „Етихад“ моментно е најдобра, но Гвардиола не се согласува со тоа. Шпанецот смета дека неговиот поранешен клуб доминира во фудбалот, актуелен европски и светски шампион.
– Најдобар тим во Европа и светот е Баерн бидејќи ги освои сите трофеи. Ливерпул е најдобар во Англија, бидејќи моментно е шампион. Во март никој не е шампион – рече Гвардиола.
Сити ќе има можност да забележи нова 21 последователна победа утре против Вулверхемптон.
– Треба да бидеме добри и да се обидеме да ја освоиме титулата, но не можеме да негираме дека бевме одлични во последните неколку месеци. Кога играме добро, лесно победуваме, но и кога не сме на ниво како на мечот со Вест Хем, освојуваме бодови и тоа е важно.
Во игра се уште 36 бодови. Сега имаме тежок ривал Вулверхемптон, потоа Јунајтед, Саутемптон, Фулам… Друга приказна е кога се во игра 10, 12 или 15 бодови. Но, 36 е навистина многу – додаде Гвардиола.