Пензионерите оставени сами на себе?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Незадоволството на пензионерите се поткрена на повисоко скалило и поради недостигот од поинтензивно и постручно информирање од постојното гласило на СЗПМ, но и од толкување на Законот и суштината на усогласувањето и зголемувањето на пензиите.

Пензионерите како најбројна популација граѓани (над 325 илјади) за владејачките и опозициските структури станаа мошне привлечна цел, а интересот се зголемува особено пред избори, иако грижата за нив е приоритетна активност во нивните програми. Шемата за настапување и „купување“ гласови е добро разработена и проверена. Покачувањето на пензиите е главната мамка за која се фаќаат ветувачите за да ги намамат гласачите. Ова се повторува со години и, освен гарнитурите на власт, друго ништо не се менува?! За жал, кон ваквото практикување на работите се придружи и актуелното раководството на најмасовната пензионерска организација (СЗПМ) кое се извежба во кокетирањето со власта и глуми невладина и непартиска асоцијација?! Додека беше во „опозиција“ го напаѓаше и осудуваше претходното водство поради зближувањето со владејачката партија, што кулминираше со потпишувањето меморандум за „соработка“ со партијата ВМРО ДПМНЕ (мега афера на тогашниот претседател на СЗПМ), а откога го презеде кормилото со марифетлаци, тргна по истиот пат и се врза за сегашната власт. Единствена надеж за пензионерите преостана во Партијата на пензионери, која „се труди“ но нема сила со еден пратеник (претседателот) да изврши видно влијание во полза на највозрасната популација граѓани. Затоа и таа, колку да се чуе дека постои таква „каста“, влезе во коалиција со власта?! Ете, при толку душегрижници најпосле испадна дека ништо не испадна, а пензионерите останаа сами да се борат за своите права и за подобар општествен статус?!

Сепак, не можат да се пренебрегнат декларативните определби на споменатите субјекти и влијанието на наменскиот популизам што се репродуцира и засилува токму пред избори?! Веќе има најави дека активисти на партиите ќе оделе по куќи од врата до врата (па тоа го правеле?!) за да им ги објаснуваат бенефитите на граѓаните доколку нив ги изберат, небаре овие се недоветни и досега не ги прочитале нивните цели и намери?!

Но, да се вратиме на покачувањето на пензиите и паѓањето на животниот стандард на пензионерите. Владата речиси веднаш по конституирањето се впушти во истражување и изнаоѓање законско и системско решение за зголемување и усогласување на пензиите и го најде во донесувањето Закон за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (член 37) со кој се регулира ваквата постапка. Медиумите веќе го коментираа принципот на зголемувањето и одвишно е да се повторува и објаснува. Сепак, треба да се истакне дека има нелогичности и неостварливи можности за кои се врзува покачувањето, како што е, на пример, усогласувањето со порастот на бруто домашниот производ што треба да го надмине процентот од 4,1% во претходната година, што е речиси невозможно особено во пандемиски и тешки економски услови.

Лидерката на СЗПМ во неодамнешната изјава за медиумите упати смирувачки тонови и повика на трпение (- спасение) истакнувајќи дека Сојузот покренал иницијатива за измена на Законот, што треба најпрво да се прифати но и да се чека до две-три години за реализирање?! За погрешниот приод кон зголемувањето и усогласувањето на пензиите се огласи и претходниот претседател на пензионерите, и тој, како и лидерката, го бранеше системот и времето на своето „владеење“?! Премиерот, пак, како и секогаш, искажа оптимизам дека ќе дојдат подобри времиња, но се правдаше и ветуваше дека ќе се заложи за подобрување на квалитетот на животот на пензионерите, зашто навистина тоа го заслужува оваа генерација повозрасни граѓани?! Притоа, никој од ветувачите не ја спомна „дупката“ во пензискиот фонд со празнењето на касата што ја откри новата министерка за труд и социјална политика, која поради „мир во куќата“ брзо беше замолчена. Тогаш  не се откри аферата со финансиската дупка во ФПИОМ, ниту пак се исполни ветувањето на премиерот за поставување часовник на Порта Македонија за да го брои враќањето на украдените пари?

Незадоволството на пензионерите се поткрена на повисоко скалило и поради недостигот од поинтензивно и постручно информирање од постојното гласило на СЗПМ, но и од толкување на Законот и суштината на усогласувањето и зголемувањето на пензиите. Посебно треба да се објасни следењето на животниот стандард, како и пресметката што ја прави Републичкиот завод за статистика, за никој да не се сомнева дека податоците се фингирани од власта. Затоа сите се чудат од каде излезе податокот дека животните трошоци се зголемиле само за 1, 2 отсто при толкаво паѓање на стандардот?! Целосно на увид треба да се даде таа постапка за да не им се верува на некои „зли јазици“ што тврдат дека сè „живо и диво“ се става на купче, па се брои, се собира и множи, најпосле се дели за да падне и помалку да испадне?!

Навистина, ве молам, има ли некој да објасни како се прави таа пресметка во Заводот, барем малку да ја врати довербата и да го намали сомнежот кај луѓето?!

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот