Пензионерите на нишан на вирусот

СЗПМ има доволно органи и тела, кои по кратка постапка можат да направат измени и дополнувања на планираните активности и да се насочи работата и дејствувањето во вонредни услови, особено што пензионерската популација е под закана. Раководството требаше да направи исчекор и во информирањето на своето членство и да преземе некои активности во духот на волонтерските определби.

Неодамна, кога ривалските партии и фаворити за победа на изборите почнаа да се грабаат околу гласот на пензионерите, „нашиот вухански“ коронавирус им ги помеша сметките и им ги запре сплетките. И тој покажа голем интерес за оваа наша најбројна, најискусна и најмудра популација граѓани, која стана мошне чувствителна на двата вирулентни удари?! Првиот го доживеа како (не)нормална предизборната еуфорија, а вториот, што е во залет, сè уште подмолно се заканува и во налет страшен станува. Но, што треба да се прави сега, додека се распламтува?!

Актуелната власт ги пропиша мерките што речиси сите напамет ги научивме, а суштината е во карантинот, изолацијата и седењето дома. Само на овој начин можеме да му се спротивставиме и да се справиме со овој злокобен невидлив непријател кој никого не штеди, а особено ги демне припадниците на третата животна доба. Со него нема преговори, попуштања и кохабитација, нема и не треба да има импровизација со мерките, ниту непосредна блискост и комуникација помеѓу луѓето. Нема гостења, џускања и презентација, зашто токму тоа на ковид-19 му овозможува живот и вегетирање.

Со сериозен пристап и строго почитување на мерките на Владата, ширењето на вирусот треба да се заузда и да се контролира до качувањето кон врвот, па да му се стави јамка за да го изгуби стрвот и до пикот да му се смени ликот за да запре и замре. Ова е лекот и навистина треба да се издржи, но никој не може да го определи векот и животот на вирусот?!

Оваа непредвидена состојба создаде голем проблем во реализацијата на годишните програми на Сојузот и на здруженијата на пензионери во Македонија, кои во ова време беа навикнати да се собираат најчесто по рестораните и да се натпреваруваат кој повеќе и поголеми средби ќе направи, како и кој „подомаќински“ ќе ги потроши планираните средства од членарината на пензионерите што им се запираат од пензиите. За да не се сфати поинаку, Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија навистина има обемна програма за работа, поддржана со значителни финансиски средства, од која, доволно ќе биде да се издвојат само двете носечки активности, Ревиите на песни, музика и игри и таканаречената Пензионерска спортска олимпијада, ама сега сѐ се измени и ситуацијата наметнува други барања и активности?!

Треба да се нагласи и тоа дека Сојузот има доволно органи и тела, кои по кратка постапка можат да направат измени и дополнувања на планираните активности и да се насочи работата и дејствувањето на СЗПМ во вонредни услови. Во ова време-невреме, особено кога пензионерската популација е под закана, раководството требаше да направи исчекор и во информирањето на своето членство и да преземе некои активности во духот на волонтерските определби, кои, изгледа формално и декларативно се спомнуваат само на седниците. И во оваа насока верувам дека нешто е направено (прочитав дека ќе се достават препораки до здруженијата за коронавирусот), но тој пишан документ ќе остане во фиоките на претседателите на здруженијата, зашто сега е забрането собирање и групирање, а не постои друг начин за информирање?! Зар не можеа спомнатите препораки да се дадат во весникот „Пензионер плус“, кој излезе во екот на прогресот на коронавирусот, поточно на 27 март 2020 година и така барем ќе беа информирани читателите, а вака, речиси никој.

За волја на вистината, во него има една реченица за достава на препораките и една вест за снабдувањето немоќни лица со намирници во општината Вевчани и – толку. Така, може да се заклучи дека вирусот остана незабележан во весникот на пензионерите, но не и рекламите (шест), за кои има оправдување во (предлог) Одлуката на ИО на СЗПМ за определување на награда за обезбедување приходи од реклами, спонзорства и проекти. Зар обезбедувањето реклами не треба да се прави во рамките на извршувањето на должностите на раководните и другите лица во СЗПМ што се на редовен и солиден месечен надоместок?!

Овде само се наметнува прашањето и за волонтерите. Навистина каде се сега тие и во какви активности се организирани?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот