Пензионерите излегоа на протест и контрапротест против Лукашенко (ФОТО+ВИДЕО)
Околу 3.000 пензионери се собраа во Минск, трет понеделник по ред, барајќи оставка од претседателот на Белорусија.
Во главниот град на Белорусија, Минск, денеска се одржаа два собири на пензионерите – едниот против претседателот Александар Лукашенко, а другиот за поддршка на шефот на државата.
Околу 3.000 пензионери се собраа во Минск, трет понеделник по ред, барајќи оставка од претседателот на Белорусија.
Демонстрантите маршираа низ улиците на главниот град носејќи цвеќе и извикувајќи „Оди си!“ кон Лукашенко, пренесува АП.
Во главниот град се одржа и контра-протест на пензионерите, кои го поддржуваат Лукашенко. Приближно 2.000 луѓе, многу од нив мажи во воена и полициска униформа, дојдоа на Плоштадот на независноста со национални знамиња и транспаренти на кои пишувало „За мир, просперитет и традиционални вредности“.
Локалните медиуми објавија дека некои учесници на контра-митингот биле донесени со автобуси на собирот.
Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати од гласањето според кои Лукашенко освоил повеќе од 80 проценти од гласовите. Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле лажирани.