Пендаровски во шведски воз

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Веста дека македонскиот претседател во текот на својата службена посета патувал низ Шведска со воз, предизвика медиумски публицитет. Такво нешто, сосема разбирливо, во Македонија добива третман на една од вестите на денот, имајќи предвид дека користењето на услугите на јавниот превоз ни од далеку не претставува некаква норма во начинот на однесувањето на политичарите, и тоа најмалку на високопозиционираните.

Шведската амбасада во Скопје го поздрави таквиот избор на претседателот Пендаровски, кој се определи да ја користи шведската железница, бидејќи „тоа е претпочитаниот начин на транспорт низ цела Шведска за луѓе од сите возрасти и сфери на живот“. А една од причините за користењето на железничките пруги е и грижата за животната средина, бидејќи возовите придонесуваат помалку за емисиите на јаглерод отколку авионските патувања.

Во Шведска од поодамна не се гледа некаква спектакуларност во тоа што, на пример, пратеници во парламентот или партиски лидери во текот на предизборни кампањи патуваат низ земјата со воз. На најширок план, сепак, не станува збор за константа во однесувањето на шведските „народни избраници“, бидејќи медиумите одвреме-навреме известуваат и за одделни појави на злоупотреби на надоместоците од страна на политичарите, на пример, за патни трошоци и одвоен живот, но тие главно се доживуваат како нешто што претставува исклучок од правилото. Внимателно градениот имиџ на шведскиот политичар во себе мошне малку содржи „одлепеност“ од секојдневниот живот на обичните граѓани и избирачи.

Пендаровски припаѓа на генерацијата што веројатно се сеќава на телевизиските снимки на почетокот на 80-тите години на минатиот век, на кои се гледаше поранешниот шведски премиер Улоф Палме како пристигнува на велосипед пред седиштето на шведската влада или како седи со семејството во дворот на својот дом, во новоизградена населба со типски куќи за средната класа. Има и „поекстремни“ примери, како, на пример, во случајот на поранешната градоначалничка на Гетеборг, Анели Хултен, која на еден партиски собир соопшти дека ќе се обиде да стигне на конгресот на Социјалдемократската партија во Стокхолм возејќи велосипед. Релација од околу 500 километри.

Нема никакво сомневање дека Стево Пендаровски на својата неколкудневна турнеја низ Шведска имаше убава можност да ужива во квалитетот на транспортните услуги што ги нуди шведската железница, чии возови – не треба воопшто да се идеализира – знаат и да задоцнат, но мошне често стигнуваат навреме, па дури и некоја минута предвреме. Може да се претпостави дека македонскиот претседател уживал и во глетките од возот, исполнети со пејзажи на заштитени шумски предели и езера, чисти и средени градови и помали населени места, каде што треба вистински да се помачите за да забележите некоја срината и руинирана градба, соголена и олупена фасада, расфрлан смет, ’рѓосана железурија, или, пак, исечени и израмнети канти за сирење, употребени за пополнување на дупките во некоја ограда крај железничката пруга. Модерен воз, се разбира, не може да се движи, всушност не може ни да постои како брзо и ефикасно транспортно средство во еден таков девастиран амбиент.

Во Скандинавија често се користи една изрека со која се нормира начинот на однесување, посебно од морален аспект. „Живеј како што пропагираш“. Не може да се очекува дека шведски пратеници ќе патуваат со „мерцедеси“, додека во општеството се прават големи напори за изградба на разгранета железничка мрежа, како еден од најзначајните инфраструктурни проекти за модернизирање на општеството.

Дали македонскиот претседател размислува на сличен начин во извршувањето на својата значајна општествена функција, останува да се види во текот на неговиот мандат. Позитивните примери, во секој случај, секогаш бодат очи и даваат позитивен штимунг меѓу оние кои сакаат да видат и да се уверат дека постојат позитивни исчекори што даваат придонес кон градењето на заедничкото добро. Без тоа едно општество тешко може да функционира по каква било линија на прогрес.

Дел од својата набиена програма на службената посета на Шведска, македонскиот претседател ја посвети и за средби и разговори со македонската дијаспора. А и тоа секако може да се оцени како уште еден убав гест од негова страна. На дијаспората ѝ е потребно зближување со татковината, се чини како никогаш досега. „Ништо друго нема да помогне, освен забрзан економски развој“, нагласи Пендаровски на средбата со претставници на Македонскиот сојуз во Шведска, одговарајќи на прашање како би можело да се спречи масовното иселување од Македонија, посебно на младите.

Треба да учиме како да изградиме демократско општество, но не со постојани конфронтирања и поделби, туку со градење неопходен меѓупартиски консензус за најважните развојни прашања и проекти, смета Пендаровски, а тоа „најмногу треба да го учиме од ЕУ“. Шведска е еден пример на високоразвиена земја од која има што да се научи, и која, потенцира македонскиот претседател, континуирано финансиски ја помага Македонија, преку својата агенција за развој. Станува збор за поддршка за проекти, кои, се разбира, не се доволни за, на пример, да се осовремени и изгради модерна железничка мрежа, но би можеле, доколку за тоа постои јасна политичка волја, да се исползуваат за поткревање на општото ниво на свеста во насока на постепено модернизирање на општеството и напуштање на економската заостанатост.

Конечно, дали ќе патуваме со воз или со „мерцедес“, нема да биде пресудно во однос на долгоочекуваниот исчекор и прогрес што го посакуваат и очекуваат македонските граѓани во неколкудеценискиот период на мачната транзиција, која сè уште трае. Но „одлепеноста“ на политичарите од граѓаните секако може барем делумно да се надмине, доколку се сфати дека свеста за развојните ефекти од една успешна политика може да се гради, пред сè, преку градење на имиџот – колку тоа и да звучи како рецидив од претходниот напуштен систем – на политичар со „нормален, човечки лик“. А кога станува збор за таква амбиција, преговорите и членството во ЕУ не се пресудни, па дури не се ни потребни. Тоа е домашна задача што треба претходно да се научи и да се апсолвира.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот