Пендаровски: Во овој момент нема граѓанин кој може да го убедите дека постои правна сигурност

Помали се шансите одлуката на Уставниот суд за аболицијата од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, да биде вовед во нова политичка криза, а многу поголеми да биде вовед во голем правен хаос, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва во интервју во 24 отворено на ТВ 24.

Во делот на моите надлежности како претседател, нагласи Пендаровски, немам директна надлежност врз Уставниот суд, но, потенцира, нема да помине ден, а да не апелирам до нив и до целокупната македонска јавност и да има кажам дека ова е неправо.

– Тој морален глас ќе го употребувам, па до кого допре допре и воопшто не ме загрижуваат критиките или забелешките на политички партии и на граѓани кои велат зошто овој се меша во нешто што не му е надлежност, рече претседателот Пендаровски.

На прашањето дали е подготвен да го повика Советот за безбедност и за вакви круцијални прашања кои задираат во државноста на земјата, тој појасни дека како точка на дневниот ред на седница на СБ можете да се стави нестандардни прашања, но не можете, истакна, да изнесувате конкретни случаи бидејќи тоа би било флагрантно мешање на политиката во правото.

Според него, ако оваа иницијатива стане дефинитивна одлука на Уставниот суд, потенцира, во тој случај ќе имаме враќање во состојбата пред Шарената револуција пред 3,5 години.

– Во тој момент не ќе имате граѓани во оваа земја, небитно за кого гласа и дали воопшто гласа, кого ќе можете да го убедите дека овде постои правна сигурност или правна извесност, што е една од клучните карактеристики на правна држава, појасни меѓу другото Пендаровски, додавајќи дека тоа може да предизвика проблеми и на нашиот евроатлантски пат.

Претседателот Пендаровски оцени дека перцепцијата на граѓаните е дека најмалку имаат верба во судовите и во обвинители.

– Јас никогаш не сум спаѓал во луѓето, граѓани, професори или сега политичари кои сметаат дека одлуките на судовите не се коментираат, истакна тој.

Додаде дека не постои ниту еден домашен и меѓународен документ што забранува да се коментираат одлуки на судовите, вклучително и на Уставниот суд во било која фаза на нивното постапување.

На прашањето дали сегашната одлука е повеќе политичка одлука на овие уставни судии, Пендаровски одговори дека не треба да се дозволи судиите да ја донесат одлуката, а потоа истата да се коментира или да се образложува.

– Сите знаеме како во изминатите 10 до 15 години во времето на Груевски особено, се бираа судиите, не само на Уставниот суд. Треба да се лажеме и да кажеме да тоа беа најдобрите правни експерти во оваа земја бидејќи тоа е правилото во секоја земја. Роберт Бадентер беше претседател на Уставниот суд на Франција. Кој е Бадинтер во Македонија од овие што се сега судии во Уставниот суд, појасни меѓу другото Пендаровски.

Шефот на државата Пендаровски праша зошто откако се поминати над 10 месеци од поднесување на иницијативата, зошто сега се решава, како што рече, оваа работа.

– Целиот контекст укажува дека тие луѓе не се водат само по правото и по законите, изјави Пендаровски.

Во однос на тоа дека врз основа на одлуката за помилување од страна на Иванов грчакиот суд донесе одлука дека нема екстрадиција за поранешните функционери во МВР, Горан Грујовски и Никола Бошковски, Пендаровски рече дека доколку и тој би бил на местото на грчкиот суд и држава и да го има шефот на петтата управа надлежна за прислушување од соседна држава и јас ќе имав, потенцира, такво правно толкување.

– Да не сме наивни, порача меѓу другото Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот