Пендаровски вели дека новата долгорочна развојна стратегија ќе покаже „јасна визија за иднината“

Стево Пендаровски
Стево Пендаровски / Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, британската амбасадорка во земјава Рејчел Галовеј, постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан и постојаниот координатор на ОН во земјава Росана Дуџак на која се дискутирало за изготвувањето на Национална развојна стратегија.

– На состанокот се постигна согласност и синхронизација на преземената иницијатива од страна на претседателот Пендаровски „МКД2030″ со процесот на креирање на „Националната развојна стратегија 2021-2041″. Процесот ќе биде заснован на принципите на национална сопственост, широка консултација, интегрирање на постоечките процеси за интеграција во ЕУ и Агендата 2030 и иновативност. „НРС 2021-2041″ и „МКД2030″ претставуваат единствен сеопфатен процес за долгорочно планирање, следење и надградување, во коj се и ќе продолжат да бидат вклучени претставници од сите сегменти во општеството, информираа попладнево од Кабинетот на претседателот.

Оперативната структура на процесот, како што се наведува во соопштението, ќе обезбеди вклученост на највисоко политичко, административно, научно, бизнис и општествено ниво, а ќе ја води Национален совет за развој со кој ќе претседава претседателот на државата. Во советот ќе учествуваат и претседателот на Владата и претседателот на Собранието, партиски координатори во Собранието, како и претставници од академијата, бизнисот, работниците, невладиниот сектор и младите.

– Првата фаза од креирањето на овој стратешки документ ќе биде финансирана од Британската амбасада во Скопје, со техничка поддршка од страна на Организацијата на Обединетите нации преку УНДП, а ќе резултира со методологија и оперативна структура која ќе се примени при развивањето на стратегијата, што ќе претставува втора фаза на проектот, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

За средбата информираа и од Владата. Оттаму меѓу другото посочуваат дека методологијата е инспирирана од современи и иновативни модели на развој, адаптирани на домашниот контекст и базирани на широка и значајна консултација со сите засегната страни.

– Со тоа ќе се овозможи Националната развојна стратегија да отслика меѓугенерациски, родов, меѓуетнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории на луѓе. Во рамки на овој проект исто така ќе се идентификуваат и зајакнат врските помеѓу сите останати стратешки важни процеси кои се одвиваат во државата, првенствено интеграцијата во ЕУ и Агендата 2030 за одржлив развој, а ќе се развие и комуникациска стратегија и електронска платформа, за да се вклучат размислувањата на што повеќе клучни чинители во процесот, велат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот