Пендаровски: Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливоста кон различните (ВИДЕО)

Пред 25 години се случи геноцидот во Сребреница кога повеќе од 8.000 луѓе, претежно мажи и деца беа систематски убиени, само поради тоа што беа Бошњаци. Ова е, без дилема, еден од најмрачните настани во модерната европска историја за кој не постои никакво рационално оправдување, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.

-Некои од злосторниците веќе се соочија со правдата пред Меѓународниот суд. Дел од преживеаните, собраа храброст да им погледаат во очи на своите џелати, и да им простат на оние кои се покајаа за своите злодела. Но, многумина од нив продолжуваат да живеат со ужасните трауми дополнително засилени со негирањето и релативизирањето на вистината за злосторот. Меморијалниот центар и Мајките на Сребреница преку јасна порака, не соочуваат со колективното минато и се совеста на нашата генерација. Тие не поттикнуваат омраза, ниту бараат одмазда, бидејќи со тоа се продлабочува неправдата. Тие само ја бараат вистината и правдата, како предуслов за мирот- вели Пендаровски.

Историјата, вели Пендаровски, не само на Балканот, не учи дека идеите за етнички чисти територии, секогаш водат кон трагедии. А, последните балкански војни покажаа дека и по Холокаустот геноцидот може да се повтори. Ако една генерација не зборува, наредната ќе заборави, што создава плодна почва за нови конфликти.

-Освен сеќавањето, алтернативите се градат преку образованието што промовира солидарност и сочувство кон другите, почитувајќи го вроденото достоинство на секој човек. Единството во различноста се штити преку механизми што се борат против системската неправда. Дваесет и пет годишнината од геноцидот во Сребреница, се случува во период на пандемија на КОВИД-19 којшто секојдневно зема илјадници човечки животи низ целиот свет. Сребреница е сеќавање на опасниот вирус на нетрпеливоста кон различните. Да градиме општества во кои ќе има место за секој од нас. Да направиме дом во кој ќе се прифаќаме едни со други и покрај нашите разлики. Затоа што сите сме луѓе- вели Пендаровски.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот