(ВИДЕО) Пендаровски: Со францускиот предлог, историјата не е услов

Стево Пендаровски претседател на РСМ / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Модификуваниот француски предлог е транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која три елементи се битни и затоа предлогот во овој формат е прифатлив, изјави претседателот Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.

– Со тоа ја креваме бугарската блокада која трае повеќе од две години и дозволува формално отворање на преговорите. Остануваме на европскиот колосек, кој е долг, а до овој момент не губиме ништо и сега е време да го отвориме стратешкиот дијалог овде, рече шефот на државата.

Пендаровски смета дека со прифаќањето на модификуваниот француски предлог би се донела одлука само да ги отвориме преговорите со ЕУ. Одлуката да се прифати модификуваниот француски предлог нема да биде ниту историски триумф, ниту историски неуспех или дебакл.

Според Пендаровски, целата ситуација е со исклучително високи политички тензии во земјава, но не верува, како што рече, дека ова е судбинска дилема да се биде или не и за нацијата и за државата, ниту одлука која ќе дефинира идните генерации Македонци и македонски граѓани.

Овој предлог со ништо не го поткопува македонскиот идентитет, затоа што, вели, за македонскиот јазик има чиста формулација.

Нагласи дека очекува откако предлогот ќе влезе во Владата, да се донесат владини заклучоци во случај да се прифати модифицираниот француски предлог со една реченица плус, да се повтори во извештајот на Владата до Парламентот, а тоа е дека, како што рече, од денот кога ќе почнат преговорите па се до нивното завршување, кога и да е тоа, ако има какви било дополнителни обиди од бугарска или чија било страна повторно да се спомнува македонски идентитет, историја, јазик, во истиот момент самите да се повлечеме од тие преговори.

Тој изрази уверување дека во неговите разговори со високи европски и светски претставници нема добиено впечаток дека сакаат да го разнебитат македонскиот народ и држава.

Со францускиот предлог, рече Пендаровски, историјата не е услов и има само една една реченица и во предлогот и во протоколите. Има сугестија почесто да се среќаваат историчарите.

– Убеден сум дека не сме можеле да постигнеме повеќе од позиција на кандидат на членство, рече по завршувањето на седницата на Советот за безбедност шефот на државата, појаснувајќи ги неговите ставови во однос на модифицираниот француски предлог.

Покрај постојните членови на Советот (премиерот Димитар Ковачевски, спикерот Талат Џафери, министрите Оливер Спасовски, Славјанка Петровска, Бујар Османи, професорите Ненад Марковиќ, Ветон Љатифи и Трајан Гоцевски), на состанокот присуствува и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Пендаровски кажа дека не го поканил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оти увидел дека има комуникација меѓу власта и опозицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот